КК Работнички оставен на немилост на општина Центар

Најпознатиот кошаркарски колектив во земјата скопски Работнички е далеку од некогашното ниво, а неговото тонење е изразено последните години кога општината Центар го презема управувањето со клубот.

Кошаркарскиот клуб Работнички освојувач на 14 титули по осамостојувањето, на девет титили во националниот куп и двапат победник на Суперкупот, како препознатлив по своите успеси кои своевремено ги постигнуваше во некогашната силна југословенска лига кога во салата во Градски парк „паѓаа“ и европските шампиони, беше првиот кој ја доби поканата да се натпреварува во возобновената регионална АБА лига. Но тогашниот генерален спонзор кој управуваше со клубот „Фершпед“ по првичната согласност се откажа од партиципирањето. Поради тоа, честа на македонската кошарка во регионот му припадна на МЗТ Скопје Аеродром, зад кој целосно застана локалната власт овозможувајќи им на спонзорите да вложат во клубот за достојно презентирање на македонскиот спорт.

Подоцна, според овој урнек и Општина Центар влезе со 100-процентна сопственост во АД Работнички, по што верната навивачка публика и сите искрени љубители на кошарката се понадеваа дека Македонија ќе добие уште еден силен клуб и расадник на таленти. Беа направени и првите чекори, „железничарите“ повторно поддржани од навивачите кога со душа се очекуваа дуелите си лутите ривали од Аеродром.

Меѓутоа по изборите кои се одржаа на 24-ти март 2013 година, колата на Работнички почна да оди наназад. Имено за таа сезона беа исплатени сите плати за играчите и персоналот. Доспеваа и фактури кои како тековни трошоци, но по доаѓањето на СДСМ на власт направена е екскомуникација на Работнички. Тогаш се префрлени 7000,000 денари, а од општината дополнителни 400.000 евра преку општинската фирма за стопанисување со паркинзите ПОЦ, како што своевремено се тврдеше, но ефектот е дека навивачите и градот добија еден Работнички кој одвај преживува, нема средства да ги исплатува своите играчи, а не пак да доведува засилувања, со што би играл значајна улога во домашното првенство, па и на странските паркети. Изостана и ветената нова сала од досегашното општинско раководство, како замена за легендарниот дом на КК Работнички кој е веќе и небезбеден да прими поголем број посетители, па и за самите оние кои тренираат во салата.

Во месеците мај, јуни, јули и август општинските власти сосема ги запоставија своите обврски кон клубот и ги прекинаа комуникациите со него. Неколкумина, меѓу кои и Саша Богдановиќ, директор на ПОЦ, и актуелен кандидат на владејачката партија за општина Центар, кој самиот се декларира за голем навивач на КК Работнички, тогаш директно го замолија Дејан Јовановски, една од легендите на клубот кој достојно ги бранеше и клупските и националните бои, да помогне и да организира вонредно собрание. Поради силните емоции кон својот матичен клуб, Јовановски експресно го организираше она што беше побарано од него за доброто на Работнички, за што и доби и благодарност од сегашниот политички конкурент за челното место во општината, иако долговите на клубот се направени од раководната гарнитура која претходно го водеше.

Притоа треба да се потенцира дека секој директор и пред, во времето кога Јовановски ја извршуваше должноста и а потоа, нема право да потпишува никакви финансиски трансакции, вклучително и платите. Тоа право го има исклучиво општината, така што меѓу оштетените е и самиот Јовановски. Сите тужби, а ги има многу кон клубот, се направени токму откако преку Андреј Жерновски сегашната општинска власт се полна уста се фалеше дека ќе застане зад клубот, борејќи се само за гласовите на големите вљубеници во Работнички и спортот.

Тогаш во јавноста беше проследена информацијата дека Дејан Јовановски лично се откажа од неговите ненаплатени побарувања, се откажа и од тужбата против својот матичен клуб на кого му носеше во меѓувреме успеси и ги остави во општинската каса. Оттаму, многу е интересно што општинското раководство направи со тие средства, како и со други кои требаа да се слеваат во клупската каса.

Колку за потсетување, во 2012 година, односно пред доаѓањето на власт на Жерновски и Богдановиќ во општина Центар, беа целосно реновирани соблекувалните, тоалетите и клупските канцеларии од страна на тогашното раководство. Па дури и знамињата кои сѐ уште се веат пред спортскиот храм во Градски парк се по заслуга на Јовановски.
Во моментов, за жал, сметката на клубот, а комплетното сметководство го води општина Центар, се на нулата. Така, КК Работнички, не само што го очекува неизвесна сезона, туку и за жал, иднина. Секако доколку се продолжи со манипулациите со овој спортски колектив.

А вистинските љубители на спортот посакуваат повторување на легендарните мечеви во Градски, и повторување на успешната спортска сегашност која ни ја приредуваат приказните како спортскиот колектив Вардар, па и МЗТ Скопје Аеродром кој токму вчера во „Јане Сандански“ го совлада некогашниот европски шампион белградски Партизан.