Кларк: Не се совпаѓаат интересите на Вашингтон и Киев во украинската војна

Стратегијата на САД во конфликтот во Украина ќе доведе до неjзино постепено крварење, оцени поранешниот командант на сојузничките сили на НАТО во Европа (SACEUR), пензионираниот американски генерал Весли Кларк на онлајн-конференција организирана од американско-украинската фондација под наслов „Која е целта на помошта за Украина?“

„Во текот на овој процес, зборувајќи со војнички јазик, ја раскрвавевме Украина. Таа трпи сериозни загуби. Ја губат критичната инфраструктура. Го губат енергетскиот и индустрискиот потенцијал. Ја губат финансиската основа на државата. Ние придонесуваме за тоа“, рече Кларк.

Генералот притоа истакна дека интересите на Вашингтон и на Киев, сепак, не се совпаѓаат, бидејќи Украина сака да ја поврати целата своја територија, вклучително и Доњецк, Луганск и Крим кои не ги контролира уште по превратот во март 2014 година, а САД сакаат да избегнат директна конфронтација меѓу НАТО и Русија.

„Ние во САД сакаме да ја стабилизираме ситуацијата, да ги минимизираме ризиците од конфликт меѓу НАТО и Русија, да задржиме што е можно повеќе територија за Украина без да започнеме трета светска војна. Сакаме да се фокусираме на создржување на Кина“, додаде Кларк.

Генералот, исто така, оцени дека руската војска ја менува стратегијата и ситуацијата на боиштето значително јакнејќи ја одбраната на териториите што го зазема на украинскиот југоисток. Тоа, смета Кларк, ќе влијае врз природата на војната.