Денеска министерот за економија Беким Незири ги додели решенијата за поддршка на кластерските здруженија, согласно Програмата за конкурентност, иновации и претприемништво за 2014 година, овозможувајќи на тој начин континуирана поддршка на деловната заедница, согласно нивните потреби, а со цел реализација на предвидените проекти.
„Годинава, за поддршка на проекти на кластерските здруженија доделени се средства во вкупен износ од 1.600.000 денари, и тоа за заеднички проекти за поврзување на кластерите со универзитетите, за развој на иновативноста и развој на брендирани производи, за секторска извозна промоција, за организирање тематски саеми и за развивање на стандарди за квалитет и прилагодување на барањата на ЕУ пазарите“, истакна министерот Незири, притоа информирајќи дека поддршка добија Националниот центар за развој на иновации и претприемачко учење од Скопје, Текстилно трговско здружение – Текстилен кластер, Штип, Здружение на собирачи, откупувачи, преработувачи и трговци со самоникнати видови шумски плодови – Велес, Кластер за преработка на овошје и зеленчук (МАП) – Скопје, Здружение на органски производители „Органика“, с. Отавица – Велес.
Целта на постоењето на кластерите, кои се посебно атрактивни за малите и средните претпријатија, е иницирање на заеднички активности и проекти за секторски и регионален развој, иновации и извоз, преку зголемување на соработката меѓу фирмите, науката и други развојни чинители. Успешното поврзување во кластер резултира со мрежа од взаемно корисни врски за размена на информации, идеи, поддршка во врска со нови технологии, истражувања и развој, стекнување на способности, пазари, нови деловни модели и други сфери од заеднички интерес.
„Уверен сум дека оваа и идните програми за поддршка на кластерското здружување, кои се креираат во Министерството за економија, а за кои ќе се заложам да добијат повеќе средства, ќе создадат амбиент кој ќе побуди нови идеи и активности за унапредување на конкурентноста на македонската економија на нејзиниот пат за членство во Европската Унија“, истакна министерот Незири, притоа додавајќи дека со Програмата за конкурентност, иновации и претприемништво за 2014 година, поддржани се проектите на 5 кластерски здруженија, кои беа избрани за најдобри, од вкупно пристигнати 14 квалитетни проекти, што претставува доволен сигнал за наредната година да се обезбедат повеќе средства, за поддржување на вакви проекти, кои ќе имаат позитивен ефект врз зголемување на економскиот раст на државата.
Во петте кластерски здруженија кои ја добија финансиската поддршка членуваат 120 компании, со над 20 илјади вработени.