Кандидатката на владејачката партија во Мексико, Клаудија Шејнбаумм, е победник на претседателските избори одржани во неделата, покажуваат излезните анкети.
Мексиканците во неделата излегоа на историски избори на кои се очекуваше првпат да изберат жена претседател. Шеесет иедногодишната Шејнбаум доби 57,8 отсто од гласовите, а нејзиниот најблизок противник, сенаторката од десниот центар Берта Ксочитл Галвез 29,1 отсто, покажуваат резултатите од анкетата на институтот Enkoll. На трето место е центристичкиот кандидат Алварез Мајнез со 11,4 отсто од гласовите, покажува истата анкета.
Шефот на владејачката партија Морена, Марио Делгадо, им рече на приврзаниците во главниот град Сиудад де Мехико дека Шејнбаум победила со голема разлика. Победата за Шејнбаум би била голем чекор за Мексико, земја позната по својата мачо култура. Победникот треба да започне со шестгодишен мандат на 1 октомври.
Шејнбаум, климатски научник и поранешна градоначалничка на Сидуад де Мехико, е долгогодишен сојузник на актуелниот левичарски популистички претседател Андрес Мануел Лопез Обрадор, кому му беше забрането повторно да се кандидира по шесте години минати на функцијата. Таа ги отфрли тврдењата на опозицијата дека ќе биде „марионета“ на Лопез Обрадор, иако вети дека ќе продолжи со многу од неговите политики, вклучително и оние кои им помагаат на најсиромашните Мексиканци.
Речиси 100 милиони Мексиканци имаа право да гласаат на изборите во неделата, кои вклучија и гласање за градоначалник на главниот град, осум гувернери, двата дома на парламентот и голем број други регионални и локални позиции.
Најголемите избори некогаш одржани во Мексико беа и најнасилните во модерната историја, со убиство на 38 кандидати. Насилството ја поттикна загриженоста за демократијата од завојуваните нарко-картели. Во неделата две лица беа убиени на избирачки места во државата Пуебла.