Невидливоста е феномен за кој во историјата се ткаеле многу прикаски и легенди, но, барем досега, местото ѝ беше во научно-фантастичните романи. Да исчезнете не е лесно, макар и со измама. Во најмала рака треба да сте илузионист од рангот на Худини или Коперфилд. Како и да е, помалку неверојатно, но нивната тајна ја открија македонските политичари и дел од партиските челници. Лидерот на СДСМ исчезна од јавноста цели 12 дена. Го снема, ама, буквално, од Божик до Водици. А јавноста остана покуса за еден лидер и за многу добри гафови…, пишува неделникот „Република“ во своето најново издание“.
„Од Божик до Водици првиот човек на СДСМ влезе во зимска хибернација, карактеристична за мрмотите. Ја предизвика, пак, една руска мечка затскриена во европска јагнешка кожа, позната по својата наместена насмевка. Дипломецот на МГИМО, најдобриот руски универзитетски расадник за кадри на КГБ, сега еврокомесар, мислеше дека така ќе го разбуди македонскиот опозициски мрмот, но следуваше контраефект. Воден од својата чудна и искривена логика, по атаката и сосема неочекувано – адресантот одглуми, легна и се преправаше дека е мртов, уверен во старите бабини деветини според кои мечката ќе ве одмине бидејќи одбегнува ваков тип храна на своето мени. Обидот претставуваше очајнички крик за внимание, не го издржа притисокот затоа што беше свесен дека ниту неговиот претходник и истакнат политички ментор и заштитник, познат по тврдата кожа и огромното искуство, на 1 март не го издржа притисокот на чешкиот булдожер и за само два часа прифати и погази сѐ за што се залагаше и развикуваше цели три месеци. Затоа и си зеде женско засилување, па не замина сам, ама бадијала. Сега, илегалата се наметна како потреба за зацелување на раните. И така, нели – првите комунисти работеле во илегала, па зошто и последните да не ги користат нејзините благодати…“, пишува „Република“.
Неделникот додава дека и гревот на новинарите, кои секогаш добиваат епизодна улога, беше огромен. Непрокопсаниците се дрзнаа да ги споредат соопштенијата на Филе и тоа на Бихаќка. Нивна беше и вината што разликите во кажаното беа огромни, небаре се работело за различни средби. Премолчувањето на Мартовскиот договор среде јануари се покажа како преседан, а името ја доконтаминира басната. Се вклучи црвениот аларм. По ваков напорен крај на една и почеток на друга година, случајно или не, ангелот на спасението дојде во форма на добриот дух наречен „Висарис“. Токму во моментот на најголемата канонада и во најжешкиот дел од дебатата – што ветил лидерот во Брисел, се случи толку посакуваната дигресија или, сепак, диверзија, која го оттргна вниманието на јавноста од мистериозните и интригантни случувања во бриселската сказна… Нападот отсекогаш бил најдобра одбрана. И додека опозицијата се занимаваше со афери и со негативна кампања, таткото на партијата уживаше во улогата на невидливиот човек.
Чепкањето на името се покажа како огромна грешка
„Заслужено одмораше. Не му беше лесно. По катастрофалното интервју на МТВ, кое обезбеди материјал за антиреклами за следните неколку години, следуваше исцрпувачкиот бриселски распит кај еврокомесарот, кој заврши со уште полоша изјава. Повторно во стилот на Худини, овој пат и волшебникот Мерлин, тој не исчезна туку со дрвено стапче и зборовите хокус покус препарантус го реши името на Филевата маса. Со ова, разбирливо, не се согласи медиумскиот гуру од Бихаќка, па се случи досега невиденото во светски рамки – партијата го демантираше сопствениот претседател. Тој даде неколку решенија за проблемот со Грција или, во превод, решенија за името, а Бихаќка го поби и го негираше кажаното од лидерот. Можеби проблемот и немаше да биде толку страшен за сопартијците, доколку неговата прва, за СДСМ спорна изјава, не се подготвуваше и „квачеше“ цели пет часа, колку што беа потребни за таа да дојде до јавноста по средбата со челникот на ЕУ. Дилемата што се отвори е дали, можеби, требаше да даде изјава за новинарите од двата државни медиума, а не за „нивната“ интернет-телевизија. Гледано од сегашен аспект, постои голема веројатност дека штетата ќе беше помала„, пишува „Република“.
СДСМ се тресе и се плаши од јавните настапи на лидерот
Јавна тајна е дека начинот на функционирање на најголемата опозициска партија е сменет од корен. Не се работи само за популизмот , невидената агресивност и аферџискиот пристап. Наспроти досегашното либерално дејствување на партијците, пратениците и челниците, кои порано можеа, во духот на социјалдемократијата и левицата како опција, слободно да даваат изјави според своето уверување, сега се е бескомпромисно и максимално контролирано од службата за односи со јавноста на Бихаќка. Пред да дадат каква и да е изјава, сите, па дури и Заев и Шекеринска, мораат да се консултираат со својот медиумски гуру, олицетворен во ликот на поранешен новинар, кој сега е алфа и омега за кажаното и за изнесеното пред јавноста.