Противењето на опозицијата не се однесува на Бугарите во Македонија, туку на мешањето на Бугарија. Бугарите во Македонија, без разлика дали се македонски Бугари, или доселени од Источна Србија или Бугарија, мнозинството не се како Пендиков, криминалец инструмент во рацете на Софија, како Николас Константинидис или Кољо Дијамантот, инструмент во рацете на Атина, туку се вредни и лојални граѓани на Македонија. За тие Бугари, вредни и лојални граѓани на Македонија, вреди да се бара решение. ВМРО-ДПМНЕ не е против „Бугарите во Уставот“, туку е против „Бугарите во Уставот“ со уцена и диктат од Бугарија, вели Сашо Клековски, извршен директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка и член на Извршен комитет на ВМРО-ДПМНЕ, во интервју за весникот ВЕЧЕР.
Клековски, во интервјуто, зборува за можните сценарија за Македонија доколку уставните измени не се донесат, како и евентуалните решенија кои може да значат излез од актуелната статус-кво ситуација.
Се чини дека власта и опозицијата нема да се поместат од позициите што ги имаат за уставните измени. Вие сте член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, па од таа позиција ве прашувам каков план има опозицијата по ноември, кога е и крајниот рок за да се направат уставните измени и да заврши скринингот?
-Во прашањето дека и власта и опозицијата нема да се поместат од позициите што ги имаат за уставните измени, има ризик од изедначување на власта на ДУИ и СДСМ и опозицијата на ВМРО-ДПМНЕ, има ризик од „сите се исти“. Но не е така. Власта на ДУИ и СДСМ е таа што не се поместува од своите позиции, дефинирани со прифаќањето на „францускиот предлог“, а без консултации и наспроти барањата на опозицијата. Тоа власта не го направи од национални интереси, туку од теснопартиски интереси, како единствен начин на опстанување на власт. Опозицијата на ВМРО-ДПМНЕ, водејќи се од националните интереси го отфрли францускиот предлог. Но ВМРО-ДПМНЕ со јасно евроатлантска ориентација, покажа конструктивност и даде три предлози како да се надминат стравувањата. Во сите три предлози ВМРО-ДПМНЕ не е против „Бугарите во Уставот“, туку е против „Бугарите во Уставот“ со уцена и диктат од Бугарија, и ВМРО-ДПМНЕ смета дека тоа нема да ја осигури интеграцијата на Македонија во ЕУ, односно дека и со „Бугарите во Уставот“, Бугарија без промена во тамошната политика и понатаму ќе ја уценува Македонија и ќе бара отстапки од Македонија кои се против македонските националните интереси.