-Власта се обидува да создаде перцепција дека ВМРО-ДПМНЕ е антизападна и анти ЕУ затоа што не се согласува со францускиот предлог и уставните измени како што се предложени. Но, јас сакам да кажам дека ВМРО-ДПМНЕ нема никаква друга стратешка ориентација освен Запад и ЕУ, вели Сашо Клековски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ во вечерашното гостување „Тема на денот“ во централниот дневник на ТВ Сител.
Тој истакна дека односите меѓу Република Македонија и Бугарија се на најниско ниво и не смета дека со внесување на Бугарите во Уставот ќе се решат проблемите меѓу двете држави, бидејќи не гледа добра волја од бугарска страна.
„Разликата во ставовите е тоа што ние не сметаме дека ова е техничко прашање како што сака власта да го претстави. Јас сметам дека никој во Македонија нема против Хрватите да бидат внесени во уставната преамбула. А, зошто немаме ништо против Хрватите, а имаме против Бугарите? Разликата е во добрата волја. Сите се радуваме на внесувањето на Хрватите во Уставот, бидејќи е базирано на добра волја и реципроцитет. Додека внесувањето на Бугарите во Уставот не е базирано на добра волја. Односите меѓу двете држави се на најниско можно ниво после потпишувањето на договорот за добрососедство и не сме сигурни дали таа отстапка ќе води кон решавање на проблемите, бидејќи не ја гледаме добрата волја од другата страна“, смета тој.
Според Клековски, разликата помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и владата на СДСМ е во тоа што ВМРО-ДПМНЕ смета дека за внесување на Бугарите во Уставот треба да се прашаат граѓаните, кој е нивниот став во однос на ова прашање.