Виталиј Кличко, боксерски шампион и опозициски лидер, откако премиерот Микола Азаров вчера поднесе оставка, рече дека народот е се поблизу до победа по речиси три месеци борба на улиците против актуелната власт. Таа одлука на Азаров следи по бројни притисоци, како од демонстрантите во престолнината-Киев , така и од демонстрантите во другите градови
„Веќе повеќе месеци говориме дека она што се случува на украинските улици е последица на политиката на сегашната влада. Ова е еден чекор кон нашата голема победа“, рече Кличко.
Од друга страна, Азаров, непосредно по поднесувањето на оставката истакна дека на така радикален начин се одлучил, затоа што состојбата во земјата го загрозува економскиот и социјалниот развој на Украина и носи со себе закана за целото општество и за секој граѓанин.
„Владата правеше се за мирно да се реши судирот. Правевме и правиме се за да не дојде до крвопролевање, ескалација на насилството и нарушување на правата на граѓаните. Најважно е да се сочува целината на Украина, тоа е многу поважно од личните планови и амбиции“, нагласи Азаров.
Претседателот на Украина, Виктор Јануковиќ на лидерот на најголемата опозициска партија, Арсениј Јацењуј му го понуди местото премиер, а на Кличко местото вицепремиер за хуманитарни прашања, што двајца одбија.
Американскиот потпретседател Џо Бајден вчера го повика претседателот Јануковиќ и го предупреди дека „воведување на вонредна состојба или донесување други остри безбедносни мерки дополнително ќе ја распламти ситуацијата и ќе ја затвори вратата за мирно решение.“