Киев се соочува со можни прекини на струја и прекини во водоводните и топлинските мрежи предизвикани од руските удари, изјави градоначалникот Виталиј Кличко за украинската државна телевизија. Жителите на главниот град треба да подготват залихи и да размислат за привремено иселување, изјави синоќа Кличко.
Тој го опиша тоа како најлошото можно сценарио. – Правиме сè што можеме за да се осигураме да не дојде до ова, изјави градоначалникот на главниот град на Украина.
– Но, ние сакаме да бидеме отворени. Нашите непријатели прават сè што можат за да го остават овој град без греење, без струја и без снабдување со вода – накратко, сите да умреме, потенцираше Кличко.
Тој процени дека во градот има околу три милиони луѓе, вклучувајќи 350.000 внатрешно раселени лица.
Киев се обидува да ја стабилизира својата електрична мрежа со повремени затемнувања што оставаат делови од градот во темница неколку часа и поставува 1.000 помали топлани во случај да падне топлинската мрежа.
Кличко, познат како поранешен светски шампион во бокс, го обвини рускиот претседател Владимир Путин дека сака да ја уништи Украина како нација. „На Путин не му требаме ние Украинците, му треба регионот, му треба Украина без нас.
На 24 февруари Русија започна инвазија на соседна Украина и оттогаш незаконски анектираше четири региони на југ и исток.