Климатските промени предизвикани од активностите на човекот придонеле за големите горештини во Европа во текот на јуни во кој Португалија претрпе голем шумски пожар со трагични последици а многу држави забележаа рекордно високи температури, соопштија научниците во четвртокот.
Температурите за јуни севкупно се за околу 3 Целзиусови степени повисоки од долгорочните просеци особено за западна Европа, објавено е во извештајот на група научници.
„Утврдивме јасни и силни врски меѓу рекордните горештини овој месец и климатските промени предизвикани од делувањето на човекот“, вели Геерт Јан ван Олденборг, виш истражувач на Кралскиот метеоролошки институт на Холандија и еден од авторите на споменатото истражување.
Климатските промени предизвикани од користењето на фосилните горива ги направиле интензитетот и зачестеноста на ваквите горештини четири пати поверојатни во Франција, Швајцарија, Холандија и во централна Европа, а десет пати поверојатни во Португалија и во Шпанија, утврдила студијата темелена врз историските трендови.
Научниците сметаат дека горештините најверојатно не се игра на природата и не можат да бидат објаснети со промените на активностите на Сонцето или со другите природни чинители. Тоа би значело дека ризиците ги зголемиле емисиите на гасовите коишто ги предизвикуваат ефектот на стаклената градина како резултат од активностите на луѓето, главно од согорувањето на фосилните горива.
„До крајот на векот овие високи температури ќе станат правило во западна Европа“, предупредуваат научниците.
„Горештините може да бидат смртоносни, особено за многу младите и за постарите. Клучно е градовите да соработуваат со научниците и експертите за јавно здравје за да се подготват акциски планови за топлотните бранови“, вели Фредерик Ото од универзитетот Оксфорд, кој исто така учествувал во студијата.
Во шумските пожари во јуни во Португалија загинаа повеќе од 70 луѓе, а во пожарите коишто ја зафатија соседната Шпанија илјадници беа навремено евакуирани. Во поголемиот дел од Франција 21 јуни била најжешката јунска ноќ од почетокот на бележењето на температурите, а Англија го регистрираше најтоплиот јунски ден од летниот бран горештини од 1976 година.