Климите пуштени на турбо, зголемена потрошувачката на струја поради високите температури

ЕВН Македонија вчера регистрираше најголема потрошувачка на електрична енергија во земјава во изминатите 30 дена. Од 17 јуни до 17 јули вкупно се потрошени 405.028 мегават часови електрична енергија (мгвч.) како резултат на високите температури во овој период и на масовното користење на клина уредите од граѓаните и фирмите.

-Најголема потрошувачка од 16.015 мегават часови е регистрирана вчера, во еден од најтоплите денови во овој период со минимални 21 и максимални 38 степени Целзиусови измерени на скопскиот аеродром, велат од ЕВН Македонија за МИА.

При тоа, нагласуваат дека скопскиот регион, како најголемо конзумно подрачје во изминатите 30 дена има вкупна потрошувачка од 148.399 мгвч. електрична енергија или, во просек, по 4.787 мгвч. дневно, додека вчера потрошувачката изнесувала 6.070 мгвч. во текот на денот.

Од компанијата потсетуваат дека минатата година во периодот од 17 јуни до 17 јули вкупната потрошувачка на електрична енергија изнесувала 421.287 мгвч., а просечната дневна потрошувачка била 13.590 мгвч.

-Разликата во потрошувачката од лани до годинава се јавува поради разликата на температурите. Годинава во овој период имаме значително пониски температури во јуни и повисоки во јули во однос на истиот период лани, посочуваат од ЕВН Македонија.

Од ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, пак, апелираат граѓаните рационално да ја користат водата и укажуваат на зголемена потрошувачка на вода поради високите температури.

-Особено апелираме да се избегнува непотребно трошење на водата за полевање на зеленило, бавчи и ниви, за перење автомобили, за полнење на базени, но и спречување на злоупотребата преку дивите приклучоци, велат од ова јавно комунално претпријатие.