Климовски: Опозицијата да се занимава малку со креација, не автодеструкција

Опозицијата повеќе треба да се занимава со реформирање со самата себе, со креација, а не автодеструкција, за да може да излезе од ситуацијата во која се наоѓа и да престане со ваков начин на политичко дејствување, бидејќи овде се работи за гола борба за власт. Однесувањето на опозицијата е чиста гола борба за власт во овој случај, порача професорот Александар Климовски.

Тој во гостувањето во дневникот на Сител посочи дека во комуникацијата со граѓаните забележале дека нив многу повеќе ги интересираат прашањата за вработувањата, за редовните, зголемените плати, пензиите, прашањата од социјалната сфера.

-Опозицијата доколку смета да се мрдне од дното на кое моментално се наоѓа, ќе треба малку повеќе да се занимава со овие прашања, да ги отслика потребите и барањата на граѓаните отколку да се занимава со пуштање на монтирање ленти и предизвикување на одредени тензии, потенцираше Климовски од Куманово каде вечерва Граѓанското движење за одбрана на Македонија одржува трибина.

Професорот истакна дека ќе им објаснат на граѓаните дека нема потреба од никакви стравувања за било какви насилни случувања кои се најавуваат од одредени експерти или може да се случат.

-Се работи за ситуација на смирување на граѓаните во таа насока, можеби сценариото за такви насилни случувања некому би му одговарало, но порачуваме дека тоа ќе биде спречено во самиот обид, посочи професорот Климовски.

Граѓанското движење на одбрана на Македонија досега одржа трибини во Велес, Штип и Битола.