
Во компаративното уставно право, ветото претставува едно од најзначајните средства на влијанието на претседателот во законодавната сфера. Тоа е израз на моќта на претседателот, тоа како што вели Вудру Вилсон „најстрашен прерогатив“ на претседателот, вели професорот по уставно право Саво Климовски во изјава за Алфа телевизија.
Појаснува дека ова вето иако никаде не е точно утврдено има суспензивен карактер.
„Се смета дека настапил судир меѓу два органа кои на ист начин го стекнуваат својот легитимитет, избрани од страна на граѓаните. И во таква ситуација е потребно, причините за судирот, да се дематираат прво во јавноста, сѐ со цел да им се помогне на пратениците. Претседателот Трајковски година ипол не го потпиша указот за прогласување на законот, заврши мандатот на тој пратенички состав и така имаме една ситуација каде што двапати изгласан закон не стапи во сила. Ваквото насилничко донесување на законот, може да практично ни ги поткопа и темелите, на нашето барање да ги прифатиме реформите и да влеземе во Европската унија“, вели Климовски.