Клинички центар и МЖ Транспорт од утре без струја?

ЕВН им даде рок до 15 овој месец на повеќе институции да го платат долгот за потрошена електрична енергија, меѓу кои се и Клиничкиот центар и ЖРСМ транспорт и други. Во спротивно струјата ќе им биде исклучена.

Вчера премиерот Димитар Ковачевски изјави дека Владата ќе ги покрие долговите за неплатена струја на Клиничкиот центар и ЖРСМ транспорт, но за тоа нема никакви писмени гаранции.

„Тоа се буџетски организации и заради зголемената цена на електрична енергија, Владата направи прераспределба на финансиски средства кои се одобрени и ќе ги достави до Собранието со цел да се обезбеди непречено работење на овие институции, рече Ковачевски.

Од ЕВН претходно соопштија дека тие веќе испратиле и  известување институциите кои должат, а направен е и план на кои точки ќе има прекин на струјата. Оттаму посочија дека тие ќе ги искористат сите законски механизми кои им се на располагање за да си го наплатат долгот, а Клиничкиот центар и МЖ Транспорт ги исполнуваат условите за исклучување како крајна мерка, по претходно искористување на сите законски можности.

Долгот за струја на „Мајка Тереза“ е околу 7 милиони евра, во кој влегуваат фактури и од ГОБ 8 Септември. Но, поголемата сума отпаѓа на Клинички. Сметките не се плаќале повеќе од три години.

На Железници долгот е околу 6 милиони евра.