Клиника за хематологија: Пациентите со ретки болести добиваат навремена терапија

Соопштение за јавност од ЈЗУ Универзитетска Клиника за хематологија-Скопје:

Во интерес на вистината, за да не се шири непотребна паника, Ве известуваме дека ЈЗУ Универзитетска Клиника за хематологија-Скопје, особено се грижи за пациентите со ретки болести. Во периодот на вонредна состојба предизвикана од ширењето на КОВИД-19, согласно препораките за работа на Министерство за здравство на Република Северна Македонија, презедовме посебни мерки овие пациентите да добијат навреме терапија, а истовремено максимално да бидат заштитени од можна експозиција кон вирусот. На пацентите со ретки болести кои се лекуваат со орална терапија веднаш им беа поделени, во посебни услови на работа, тримесечни количини на лекови и инструкции за контроли во овој период преку дигиталните апликации. Пациентите со болеста на Гоше, кои примаат венска терапија со ензим, ги известивме дека кога ќе се организираат оптимални услови за апликација, со ризик за изложеност кон КОВИД-19 еднаков скоро на нула, ќе бидат повикани за следна терапија. Овој став беше донесен со цел максимална заштита, врз основа на светските експертски препораки, без да се наруши третирањето на основната болест. Ве информираме дека дел од пациентите со болеста на Гоше, мината недела, согласно сите безбедносни протоколи примија терапија, а останатите ќе ја добијат во следните два дена.

Длабоко жалиме и навистина не ги разбираме мотивите што Весна Алексовска, претседателката на здружението на граѓани со ретки болести “Живот со предизвици” избра да комуницира со Клиниката преку социјалните мрежи и медуми, иако нашата врата секогаш е отворена за сите пациенти. Уште еднаш ја користиме приликата да упатиме апел до нашите пациенти и целата јавност да не подржат во заедничката  борба да го сочуваме здравјето на нашите граѓани, а не без потребно да се создава паника и страв со дезинформации.

Неоходно е  да бидеме разумни и одговорни и да му се верува на јавниот здравствен систем.