Клиниката за токсикологија доби нови апарати

токсикологија

Ова денеска го изјави вицепремиерот и министер за здравство Никола Тодоров, кој денеска ја посети Клиниката каде се сретна со менаџментот на таа јавна здравствена установа.

Оваа клиника во голема мерка функционира како Интернистички ургентен центар, постојано се справува со зголемен број на пациенти. Од година во година се зголемува бројот на пациентите, а и структурата на пациентите е различна. Од тој аспект одлучивме да инвестираме во нова опрема, делумно замена на постојната опрема која ја имале, делумно набавка на иста опрема, но во поголема количина, на пример поголем број монитори, а делумно и опрема која претходно воопшто ја немале, изјави Тодоров.

Посочи дека очекува сериозно да се подобри квалитетот на работа на Клиниката и да се олесни работата и на докторите и на целиот здравствен персонал, како и да се подобрат условите за пациентите во таа јавна здравствена установа. Набавката на нова централна мониторинг станица, потенцира, е нешто што го немало тука, имало монитори, но во форма на централна мониторинг станица немало и не функционирало такво нешто во оваа Клиника.

Тоа многу ќе помогне во работата на Клиниката имајќи предвид дека досега овој Интернистички ургентен центар функционирал само со четири монитори, а сега се набавени дополнителни 14. Исто така, набавени се и нови ЕКГ апарати, нови дефибрилатори, нешто што сериозно ќе помогне да се подобри работата на оваа Клиника. Очекуваме уште еден дел од оваа опрема да пристигне во наредните денови со што комплетно ќе се заокружи целата оваа набавка на опрема за Клиниката за токсикологија, рече Тодоров.

Посочи дека на средбата со менаџментот на Клиниката разговарале и за потребата од кадар. Оваа Клиника, како и во поголем број здравствени установи, истакна, има постојано потреба од нов кадар и од доктори, сестри и од болничари.

Иако јас откога сум министер досега имаме вработено во здравството околу 5.000 здравствени работници и соработници, сепак се уште има потреба од нови вработувања во здравството. Ова е еден процес кој никогаш не треба да сопре. Впрочем, тоа било и најголемата грешка што е направена во минатото, еден кадровски егзодус со кој се оставија голем број на болници без потребниот персонал, особено без доктори и сестри. И со 5.000 вработувања во овој период не се затвори таа дупка која беше креирана како резултат на долго време невработувања во здравството, рече Тодоров.

Според него, здравството е област во која не смее да се импровизира особено во делот на кадарот и грешките кои се направени во минатото се рефлектираат и чувствуваат и од тој аспект имаат обврска постојано да инвестираат во човечките потенцијали во здравството. – Опремата е многу значајна, зградите исто така, но она што го прави здравството силно се доволниот број посветени здравствени работници без кои не може да се замисли нормално функционирање на здравствениот сектор, додаде Тодоров.

Економскиот директор на Клиниката за токсикологија, Никола Ташев се заблагодари на Министерството за здравство за добиената опрема со која, како што рече, ќе го зголемат квалитетот и условите за работа.

Доктор Лидија Петковска истакна дека новата опрема најмногу ќе помогне во следењето на пациентите кои се сместени во интензивна нега, како и во работата во амбулантскиот дел – мониторирање на тежок пациент, користење на пулсоксиметрите, новите ЕКГ апарати, нов дефибрилатор, со што ќе им се олесни амбулантското работење и работењето во хоспиталниот дел.