Клиниката Жан Митрев со комплетен систем за здравствени услуги во Македонија

На досегашните триесет и еден оддел, Клиника Жан Митрев ги додаде уште Центарот за стоматологија, Центарот за офталмологија, новиот STROKE центар за мозочни удари како и дополнувања и проширувања на дејностите во постоечките оддели и со тоа стана здравствен центар со сите услуги на едно место.
Опсегот на дејности и третманите што сега се изведуваат ја издигнаа клиниката во единствен од ваков вид здравствен систем во регионот. За зголемување на просторните, оперативните и човечките капацитети, Клиника Жан Митрев инвестираше 5 милиони евра.

Создавањето на комплетен систем на здравствени услуги, со современа и технолошки напредна апаратура е во насока на обезбедување на врвна здравствена услуга за македонските граѓани, подобра нега и повисоки стандарди, нешто што недостига во македонското здравство, истакна д-р Митрев на промовирањето на новите оддели.

„Сите наши капацитети, просторни и човечки, сиот наш потенцијал, знаење и специјалности, искуство стекнато на светските здравствени центри и универзитети, го ставаме во функција на здравјето, негата и врвната медицинска услуга. Нашите врати се отворени за соработка со секого што ја дели оваа наша мисија“, потенцира д-р Митрев.

Инвестицијата во Клиниката се однесува и на инсталирање на нови апарати и современи дијагностички методи. Одделот за неврохирургија е дополнет со врвен микроскоп за изведување операции, а во одделот за торакална хирургија поставен е нов апарат за 3Д видео торакоскопија за канцер на бели дробови. Радиологија е збогатена со апаратура за спроведување на минимално инвазивни зафати со озон третман за решавање на дискусхернии без операција под ангиограф. Во абдоминалната хирургија се користи нов лапароскопски апарат со 4К технологија за интраоперативна визуелизација и може да се користи за сите лапароскопски интервенции. Услугите и одделите на Клиника Жан Митрев се дополнети и со Оддел за стоматологија, којшто претставува единствен од ваков вид во земјава, со 24часовна достапност на целосниот персонал и каде се применува целосна анестезија и седација за стоматолошки интервенции без болка за деца, возрасни или за пациенти со специфични потреби.
Проширувањето на дејностите и на капаците на клиниката е проследено со зголемување на медицинскиот персонал на клиниката со нов тим од триесеттината доктори, врвни специјалисти во својот домен на работа. Дел од докторите доаѓаат од јавните здравствени установи а дел од приватните, додека пак некои доаѓаат од странски здравствени центри.

„Специјалностите на Клиника Жан Митрев се зајакнати со над 30 доктори специјалисти, врвни професионалци со богато искуство зад себе. Тие со себе го носат и го вложуваат целото свое искуство, знаење и експертиза стекнати низ приватното или државно здравство во земјава или надвор од неа. Нивниот придонес е значаен и за клиниката но и за македонското здравство, дел од нив доаѓаат се враќаат од странство за да останат тука, во Македонија и со својата експертиза да го унапредат македонското здравство“, истакна д-р Емил Стоицовски-медицински директор.

Чекор напред во подобрувањето на здравствената нега и услуга во Клиниката Жан Митрев е направен и со примената на целосна дигитализација во секој сегмент од работата со што е првата целосно дигитализирана болница во регионот. Тоа овозможува побрза и поголема следливост на пациентот, креирање на електронско медицинско досие, достапност до сите лабораториски, радиолошки, дијагностички наоди, вклучувајќи ги и болничките упатници. Со сите овие промени клиниката се издигна во сеопфатен центар со комплетен систем каде пациентите може да ги добијат сите здравствени услуги на едно место.