
Сенаторката од американската сојузна држава Минесота, Ејми Џејн Клобучар, во понеделникот ќе стане третиот по ред кандидат за номинацијата на Демократската партија на ноемвриските претседателски избори во САД кој ја напушта трката во последните три дена, соопшти нејзиниот изборен штаб.
Претходно поранешниот градоначалник и отворено деклариран хомосексуалец од ткн умерена струја на Демократската партија, Пит Бутиџиџ, објави дека ја запира својата кампања на демократските предизбори за кандидатот кој на 3-ти ноември ќе му се спротистави на републиканскиот претседател Доналд Трамп.
Штабот на кампањата на сенаторката Ејми Клобучар соопшти дека таа и Бутиџиџ имаа намера да ја поддржат кандидатурата на поранешниот потпретседател на САД, Џо Бајден. Клобучар своето повлекување од трката ќе го објави во Далас во Тексас, каде што јавно ќе го поддржи Бајден, соопштија нејзините соработници.
Повлекувањето на Бутиџиџ и Клобучар може да претставува голема помош за Бајден на кој во последен момент ветер в грб му даде големата победа во Јужна Каролина во пресрет на ткн „супер-вторник“, кога демократските гласачи во 14 сојузни држави ќе се изјаснат во полза на кандидатот на нивната партија. Бајден по повлекувањата и јавната поддршка од двајата досегашни ривали би имал големи шанси во дуелот со самопрогласен социјалист Берни Сандерс, сенатор од Вермонт, кој во моментов е фаворит на демократските предизбори.
На ткн „супер-вторник“, предизборите се одржуваат во 14 сојузни држави, од Мејн на североистокот преку Алабама на југ до Калифорнија на западот, ќе даде појасна слика за тоа што гласачите ширум земјата мислат за демократските кандидати.
Значењето на „супер-вторникот“ се состои во тоа што 14-те држави и една територија избираат 1.357 од 3.979 севкупни делегати, што е речиси една третина, која на Демократската национална конвенција од 13-ти до 16-ти јули во Милвоки ќе решаваат за кандидите на партијата за претседател и потпретседател на САД.
За некој од кандидатите на конвецијата да ја добие довербата за претседателски кандидат, би требало да освои гласови од половината од сите 3.979 кандидати до крајот на сезоната на предизборите.
Воедно, овој „супер-вторник“ ќе биде и првиот тест за милијардерот Мајк Блумберг, поранешниот градоначланик на Њујорк, кој вложи половина милијарди долари сопствени пари во кампањата. Тој не учествуваше на првите предизбори.
Во трката за претседателски кандидат на Демократската партија на изборите за Белата куќа во ноември останаа пет кандидати: Бајден, Сандерс и Блумберг, како и сенаторкaта од Масачусетст, Елизабет Ворен, и Тулси Габард, претеничка во Претставничкиот дом по потекло од Американска Самоа, на кои не им се даваат никакви шанси.