Во дерби дуелите од 9-то коло од англиската премиер лига двата клуба од Ливерпул загубија од големите ривали од северен Лондон, и притоа беа високо поразени – Тотенхем беше подобар од Ливерпул со 4:1, а претходно Арсенал го совлада Евертон со 5:2.
На лондонскиот храм на фудбалот новиот „Вемлби“, каде што годинава Тотенхем ги игра домашните натпревари, беше постигнат рекордот по посетеност. Хрватскиот репрезентативец Дејан Ловрен е директниот виновник за успехот на домашните, бидејќи по неговите кардинални грешки во 4 и во 12 минута преку Хари Кејн и Сон Хеунг-Мин многу рано Тотенхем дојде до предност од 2:0.
Хотспур фантастично го отвори мечот откако Кјеран Трипер со одлична топка го префрли лошо поставениот Дејан Ловрен, а Хари Кејн меѓу голманот Симон Мињоле и Жоел Матип бравурозно се снајде и изби сам пред празната мрежа за 1:0. Осум минути подоцна следеше уште една катастрофална реакција на Ловрен, домашниот голманот Уго Љорис со рака далеку ја исфрли топката за противнапад, а хрватскиот бек близу центарот на игралиштето ја промаши топката, што му овозможи на Кејн да се спушти по левата страна, да нафрли во казнениот простор каде што Сон ја дочека за удвојување на водството. Сон три минути подоцна можеше да постигне уште еден гол, но неговиот шут откосо заврши во дирекот.
„Редсите“ дојдоа до погодок токму во периодот кога уште не го преземаа поседот на топката, кој на крајот од мечот беше двојно поголем во нивна полза. Џордан Хендерсон упати долга топка кон Мохамед Салах кој од косо шутираше и топката малку лизнувајќи ја стативата заврши во мрежата. Менаџерот на Ливерпул сакајќи брзо враќање во мечот на неговата екипа го извади веќе индиспонираниот Ловрен и на негово место уфрли напаѓач. Меѓутоа, во судиското продолжение Деле Али постигна гол за 3:1. Потопот на Ливерпул веќе во 56 минута го потврди Кејн, со својот втор погодок со што стана јунак на Тотенхем на овој меч.
Во 66 минута Ливепрул можеше да намали, но Љорис шутот на Коутињо го скршна во дирекот, а потоа до крајот домашниот голман имаше уште неколку добри интервенции. Интересна е статистиката којашто покажува дека на Тотенхем му биле потребни дури 90 удари кон противничкиот гол за да ги постигна првите три гола на „Вембли“ оваа сезона, а во неделата само осум шутови за новите три гола.
Малку претходно во Ливепрул, на „Гудисон Парк“, се одигра одличен натпревар во кој Арсенал со 5:2 го совлада Евертон.
Евертон поведе во 12 минута преку Вејн Руни, но во продолжението од мечот си дозволи да прими пет голови. Арсенал до крајот на првото полувреме успеа да изедначи со голот на Начо Монреал во 40 минута. Во 53 минута Месут Езил ги доведе „топчиите“ во водство, а исчекор кон победата Арсенал направи кога во 74 минута поведе со 3:1 преку Александр Лаказет. Откако во 68 минута Евертон остана без исклучениот Идриз Гуеје, беше јасно дека „тофис“ тешко ќе може да го избегнат поразот. До крајот на мечот гостите постигнаа уште два гола, преку Аарон Ремзи во 90 минута и Алексис Санчез кој погоди во петтата минута од судиското продолжение. Евертон, две минути пред голот на Санчез го постигна вториот гол преку Умар Ниаса.
Ливерпул е деветти со 13 бодови, а Евертон кој веќе петти меч во сите натпреварувања е без победа е во зоната на испаѓање, на 18-то место, со само осум бодови. Арсенал, пак, со оваа победа се искачи на петтото место со 16 бодови колку што има и четвртопласираниот Челзи.
На водечките три места се Манчестер Сити со 25 бодови, следен од Манчестер Јунајтед и Тотнехем со по 20 бодови.