Клупско СП: Флуминенсе прв финалист

Фудбалерите на бразилски Флуминенсе се пласираа во финалето на Светското клупско првенство во Саудиска Арабија, откако го совладаа египетскиот Ал Ахли со 2:0 во полуфиналниот натпревар во Џеда.

Решавачките голови ги постигнаа Џон Аријас од пенал во 71. минута од натпреварот, а Џон Кенеди во 90. минута.

Средбата ја одбележа и бразилскиот играч за врска Фелипе Мело, кој на 40-годишна возраст стана најстариот играч на теренот во историјата на светските клупски првенства. Претходниот рекорд го држеше Италијанецот Паоло Малдини, кој играше во 2007 година како 39-годишник.

Јужноамериканскиот првак во финалето кое е закажано за 22. декември ќе игра против победникот од утрешната пресметка меѓу европскиот шампион Манчестер Сити и азискиот првак, јапонската Урава Ред Дајмондс.

За Флуминенсе тоа ќе биде прво финале на Светското клупско првенство.

Беше тоа интересен натпревар во кој Ал Ахли имаше дури 18 удари кон противничкиот гол, од кои шест во рамките на голот, но не успеа да го пронајде патот до противничката мрежа. Од друга страна, бразилскиот тим упати 13 удари, од кои шест директно кон противничкиот гол, но постигна и два погодока.

Првата шанса на мечот ја имаа Бразилците, но Аријас не беше прецизен. Аријас беше блиску до погодок во 25. минута, но ја погоди десната статива. Ал Ахли опасно се закани во 36. минута, но ударот на Хусеин Ел Шахат беше изблокиран. Во 55. минута шанса имаше и Кахраба, но Фабио го одбрани неговиот удар.

Флуминенсе поведе во 71. минута. Марсело го мина Перси Тау, кој направи прекршок, а полскиот судија Шимон Марчинијак покажа на белата точка. Голот за 1:0 го постигна Аријас. Само две минути подоцна египетскиот тим имаше шанса да израмни. Тау можеше да ја исправи грешката, но неговиот удар го одбрани Фабио. Прашањето на победникот Бразилците го решија во 90. минута кога Кенеди погоди за конечните 2:0.

Победникот на клупското Светско првенство ќе добие 4,6 милиони евра, второпласираниот 3,7 милиони, третопласираниот 2,3 милиони, а четвртопласираниот 1,85 милиони евра.

Ова ќе биде последен турнир со седум екипи, бидејќи во 2025 година ќе учествуваат 32 клуба. Турнирите потоа ќе се одржуваат на секои четири години.