Монографската збирка „Пулсот и времето“ на Ана Јовковска ќе биде промовирана утре во Домот на млади во Шрип со почеток во 19:30 часот.
Низ огледална рефлексија со промоторот и рецензент Александар Прокопиев (писател и професор) Ана Јовковска (новинарка, тв водителка, активистка и хуманистка) за прв пат ќе одговара на прашања кои им ги поставувала на нејзините гости во ТВ проектот „ПУЛС“. Духовно и емотивно разголена, низ интерактивен однос со публиката, Јовковска ќе одговара и на прашања на штипската публика.
„Најубавиот дел од процесот е да учиш како на луѓето да им читаш од очите, наместо од зборовите и да им погледнеш длабоко зад зениците. Јас бев нивното огледало, а тие моето. Во секој разговор под телевизиските рефлектори, ги соголував пред нивните болки и пред општествените неправди, но се фаќав себе си уште поразголена и замислена“ – Ана Јовковска
Книгата „Пулсот и Времето“ е креативна збирка на разговори со јавни личности, интелектуалци, писатели, актери, уметници, професори, дипломати и политичари.
Рецензенти на книгата се: Ферид Мухиќ, Венко Андоновски, Никола Ристановски, Дејан Дуковски, Елизабета Шелева и Александар Прокопиев.
Повеќе за книгата
Наслов на книга: „Пулсот и времето“
Автор: Ана Јовковска
Издавач: Силсонс – читачки клуб при Матица македонска
Број на страни: 500
Книгата “Пулсот и времето“ е креативно разиграна монографска збирка од 50 интервјуа со афирмирани писатели, професори, уметници, активисти, актери, политичари и амбасадори. Книга која расветлува прашања од интердисциплинарен карактер, анализирајќи ги социо-културните феномени на денешнината.
Културен документ на едно време!
Македонското општество во една декада!
Вивисекција на македонската интелектуална мисла!
Разговори…
меѓу интимното и општественото
меѓу болката и слободата
меѓу стравот и вистината
меѓу љубовта и политиката
меѓу јас и ДРУГИОТ…