Во Друштвото на писателите на Македонија, во среда, во 12 часот, ќе се одржи книжевен портрет на писателот Атанас Чупоски.
За поетското, прозното и филмолошкото творештво на Чупоски ќе зборуваат д-р Лидија Капушевска-Дракулевска, д-р Владимир Мартиновски и филмологот Илинденка Петрушева. На средбата ќе биде промовирана и новата книга поезија на Чупоски, “Der Wanderer”, што ја објави книгоиздателството „Магор“, а стихови ќе интерпретира авторот.
– Како што кажува самиот наслов на книгата – Der Wanderer – што на македонски значи талкач, авторот скита низ жанровски хибридни песни: хит-сингли, патописни песни, елегии, псалми, сновиденија и дијалози. Лиричноста е клучната доминанта во овие стихови, како и музикалноста, на којашто Чупоски инсистира како на негово поетско кредо уште во својата книга-првенец, пишува Капушевска-Дракулевска во рецензијата на книгата.
Атанас Чупоски (1969) е писател и синеаст, компаратист и филмолог, магистер на филолошки науки. Ги објавил книгите: „Концерт на труба во дур“ (поезија, 2007), „Христијанските слики и симболи и нарацијата во филмовите на А. А. Тарковски“ (филмолошка студија, 2012) и „Старинарница Балкан“ (раскази, 2014). Во периодиката објавил стотина студии, есеи, песни, раскази и публицистички текстови. Автор е на радиоемисии (Канал 103, „Без возен ред“ на Радио Равел), тв-емисии и на седум документарни филмови. Работи како виш филмолог во Кинотека на Македонија.