Која е причина што сè уште нема прекин на огнот во Газа?

Внатрешните борби меѓу највисоките функционери во терористичката организација Хамас доведоа до одложување на договорот за прекин на огнот и ослободување на заложниците што во моментов е на маса.

Шефот на Хамас во Газа Јахја Синвар и шефот на Хамас Исмаил Ханије
Шефот на Хамас во Газа Јахја Синвар и шефот на Хамас Исмаил Ханије

Највисоките лидери на Хамас немаат исто мислење за предложениот договор за прекин на огнот и размена на заложници, поради што договорот се одложува понатаму и подалеку, открива „Волстрит журнал“, цитирајќи официјални лица „запознаени со преговорите“ во петокот вечерта.

Шефот на Хамас, Јахја Синвар, како и другите водачи на терористичката организација, наводно се подготвени и сакаат да потпишат предлог за прекин на борбите во Газа на шест недели во замена за ослободување на израелските заложници.

„Меѓутоа, политичките лидери во егзил на организацијата бараат повеќе отстапки и сакаат да преговараат за траен прекин на огнот“, се вели во извештајот на „Волстрит журнал“.

Катарското Министерство за надворешни работи во четвртокот вечерта објави дека Хамас го дал првичното одобрение за прекин на огнот и договор за заложници.

Американскиот советник за национална безбедност Џејк Саливан и израелскиот министер за стратегиски прашања Рон Дермер се состанаа во средата за да разговараат за договорот, со кој ќе се ослободат 136-те заложници.

Што вклучува договорот за прекин на огнот и заложниците?
Извештаите се различни за тоа што е вклучено во договорот за ослободување заложници и прекин на огнот поддржан од САД. Повеќето тврдат дека тоа вклучува ослободување од Хамас на преостанатите цивили заробени на 7 октомври, а дури потоа војниците од ИДФ и на крајот телата на мртвите заложници.

Израел, исто така, се очекува да ослободи палестински затвореници од кои некои се од висок безбедносен профил.

Како резултат на тоа, прекинот на огнот што ќе стапи на сила, наводно, ќе трае многу подолго од претходната еднонеделна пауза.