Која е причината за слабите резултати од ПИСА тестирањата?

Деновиве меѓународната организација за економска соработка и развој (ОЕЦД) ги објави резултатите од меѓународните тестирања ПИСА (Програма за меѓународно оценување на учениците) по Математика, Јазична писменост и Природни науки.

Нашите македонски 15-годишни ученици од вкупно 81 земја се на 62-ро место по Математика и во просечни 388 поени (просек ОЕЦД изнесува 472). На 71-во место по Читање забележани се 358 поени (просек на ОЕЦД е 476), и на 68-мо место по Природни науки постигнале 379 поени (просек на ОЕЦД е 489 поени), односно како што истакнува преставникот на УНИЦЕФ во Македонија, Диџовани дека „резултатите покажуваат дека три четвртини (74%) од 15-годишните ученици во Македонија имаат слаби резултати по читање, додека двајца од тројца ученици покажуваат ниски резултати по математика (64%) и природни науки (65%). Нашите ученици се послаби од: Словенија, Хрватска, Србија, Црна Гора, а се пред врсниците на Албанија и Косово.

Зошто молк од нашите институции

Кога ОЕЦД ги објави резултатите, кој за жал резултатите на македонските ученици во светски рамки, секогаш се меѓу најлошите. Во секоја нормална држава, кога некоја земја ќе добие толку лоши оценки во ПИСА програмата, тоа е знак за тревога, но кај нас не е случај. Нашите институции почнувајќи од Владата, МОН, МАНУ и други надлежни институции мирно го следат пропаѓањето на образовните стандарди, а со тоа и уривањето напредокот во иднината. Дали е ова ЕВРОПСКИОТ ФРОНТ ИЛИ ОБРАЗОВЕН КРИМИНАЛЕН ФРОНТ НА ВЛАДАТА И МАКЕДОНСКИТЕ ИНСТИТУЦИИ?

Реакција на УНИЦЕФ

Единствено што критички реагираше беше преставникот на УНИЦЕФ во Македонија, Патриција Диџовани, за објавените резултати на ПИСА – меѓународно тестирање, кои покажаа поразителни резултати од знаењето на 15-годишните ученици во Македонија. Првиот човек на Уницеф во Македонија, Диџовани, меѓу другото истакна: „…потребни се реформи во образованието и тие да станат национален меѓупартиски приоритет. Мора да ве загрижаат резултатите и посочуваат дека учењето е одговорност на сите, на Собранието, Владата, вклучително и МОН, исто така и на Министерството за финансии, општините, училишните раководства, наставниците и родителите. Сите треба да дејствуваат веднаш, а сите политички партии да се обединат и веднаш да почнат посветено да ги решаваат овие долгогодишни проблеми“.

Па, истакнува: „При разгледувањето на буџетот, Собранието треба да побара од Министерството за финансии да го зголеми финансирањето на образованието за да се подобри квалитетот и да се доближат јавните расходи на земјата за образование до просекот на ЕУ, кој е 4,9%… Финансирањето на основното образование треба да има за цел да им обезбеди доволно ресурси на Општините за да ги задоволат основните потреби на учениците и да го подобрат квалитетот на средината за учење во училиштето.

Владата, исто така, треба да даде приоритет на процесот на донесување нов Закон за средно образование со цел да се унапреди квалитетот и инклузивноста на средното образование… Па исканува Диџовани: „… општините мора да работаат на консолидирање на училишната мрежа. Поради далекусежните демографски промени, карактеризирани со намален наталитет, миграција и зголемена урбанизација. Има училишта кои се недоволно искористени, во некои училишта има повеќе наставници од ученици… и слично“.

Што укажуваа последните истражувања на меѓународните институции, што направија нашите институции: НИШТО- ЧИТАЈТЕ

Последните истражувања од страна на УНИЦЕФ, поткрепени со референци од Светска банка, Европската комисија, ОЕЦД, (Wold Bank(2000), Human Capital Project.. Достапно на https//www.woldbank.org/en/publication/human-capital. Europiean Commission, OCED, UNICEF(2000) Educaation in theWesternBalkans.Достапно наhttps;//www.oecd-ilibrary.org/education/ education-in-the-western-balkans_764847ff-en. UNICEF (2021)Unpublished Analysis…) документ за политики за степенот дали Македонија добро ги искористува ресурсите за образование, односно Колку училиштата се по мерка на детето? од истражувањата резимираат дека: „Македонија се соочува со криза во учењето, а постигнувањата на учениците се под просекот на учениците од Западен Балкан, ЕУ и ОЕЦД. Соседните земји постигнале подобри резултати од учењето со малку повисоки нивоа на расходи за образованието… Во моментот 87% отсто од расходите за основно образование се трошат за плати за вработените во училиштата, поради што нема доволно средства за капитални инвестиции, обнова и одржување на објектите во добра состојба, како и инвестирање во професионалниот развој на кадарот“.

Македонија се сочуваше и се соочува со криза во учењето. Програмата за меѓународно оценување на учениците (ПИСА) покажува поразителни резултати. Во Западен Балкан сме најслаби (во читање, Математика и Природни науки). Поразителна е аналитиката која ја искажуваат дека: „По 11 години поминати на училиште, едно дете во Македонија во просек има образовни резултати еднакви на 7,3 години на учење. Тоа е најлош резултат во Европа или со други зборови, децата одат на училиште 3,7 години кои им се залудно потрошени“.

Ситуацијата е таква што најголем број училишта држат настава во две смени. Тоа е една од причините зашто учениците во Македонија добиваат помалку часови настава. Од друга страна, тоа ги ограничува ширината и длабочината на наставата и  можностите за дополнителни предмети или дополнителни часови за учениците. Поконкретно кажано: На шестгодишна возраст, првачињата во Македонија имаат едно од најниските нивоа на планирано време за настава (552 часа) меѓу 79 земји што учествуваат на ПИСА. Додека достигнат четиринаесетгодишна возраст, овие ученици ќе имаат околу 900 часа помалку настава од просекот за учениците низ земјите на ОЕЦД. За да се надмине овој предизвик, реформата на основното образование треба да има за цел да се зголеми бројот на часови за настава. Но, за да се зголеми бројот на часови мора да се зголеми времето, училиштата треба да создадат услови за работа во една смена. Со реформата е предвидено и ревидирање и воведување на нови образовни стандарди, вклучително и стандарди за училишна инфраструктура и опрема, како и за пристапност и безбедност. За да се исполнат овие стандарди треба да се приспособи физичката инфраструктура или преку дополнителни инвестиции или пренамена на недоволно искористени згради.

Во подеталната анализа на структурата на наставничката работна сила на општинско ниво, исто така, посочува на загрижувачки недостаток на наставници кои се квалификувани да ја исполнат визијата за образовна реформа. На пример, има недостиг од квалификувани наставници за одделенска настава споредбено со наставници за предметна настава. И меѓу наставниците за предметна настава недостасуваат наставници кои се квалификувани за по Математика, Физика или Хемија, во споредба со наставници по предмети од општествени науки. Во училиштата со мајчин јазик различен од македонскиот јазик, дополнителните предизвици посочуваат на потреба од детална анализа на ниво на општини и училишта за да се разбере како треба да се приспособи наставниот кадар, а некои од општините ќе треба да ги прераспределат наставниците на други образовни профили.

Колку се троши за образованието?

Истражувањата укажуваат дека во земјава се троши помалку за образование за разлика од просекот на меѓународно ниво, но и овој процент е во опаѓање. Со 3,7 проценти од БДП во 2018г. (сега е 3,2 проценти) јавното трошење за образованието во Македонија кое најниско во Западен Балкан и многу пониско од просекот од 5,2 проценти од БДП во ОЕЦД или од просекот од 4,9 проценти во 27 земји-членки на ЕУ. Но, каде плови овој брод?!

Барање до новата Влада по изборите

Оваа Влада покажа дека нема интерес за реформи во образованието, повеќе од три години образованието ни е во хаос. Па, затоа се обраќам до новата Влада по изборите, да запамтат и го реализираат следното:

  • Децата заслужуваат квалитетно образование Сега!
  • Државата заслужува одржлив социо-економски развој и подобар живот на сите граѓани Сега!
  • Единствен начин да се надмине оваа ситуација е структурни реформи во образованието веднаш да станат национален приоритет! 

Автор: Ѓорѓи Илиевски, Виш просветен инспектор во пензија за НетПрес