Долгогодишното непостапување од страна на институциите, придонесе вознемирувачка вест денес да не потресе сите битолчани. Веднаш штом ја добив информацијата за каснатото дете од кучe кај Стара болница, ги контактирав службите во Клиничка болница во Битола. Ги контактирав и родителите на детето, кои ме информираа дека, за среќа, 13 годишното дете е во стабилна состојба, објави во неделата битолскиот градоначалник Тони Коњановски.
Градоначалникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ истакнува дека побарал итно постапување кај Стара болница од страна на фирмата со која општината има склучено договор за заловување и третман на бездомни животни и кои во изминатите шест месеци имаат третирано 60 кучиња скитници во централното градско подрачје.
„Не смееме да дозволиме вакви ситуации да ни се повторуваат, независно дали станува збор за дете или возрасен граѓанин. Мораме сите, локалната самоуправа, здруженијата за заштита на животните, полицијата, да делуваме заедно. Повикувам на заедништво и преземање на сите законски мерки од страна на сите чинители“, вели во фејсбук објавата Коњановски.
Истакнува дека како локална самоуправа за десет дена завршуваат со градежните активности на првата фаза од прифатилиштето за бездомни животни, а наскоро градот треба да ја добие и дозволата од Агенцијата за храна и ветеринарство, за да може општината да започне со директна работа на терен и целосно решавање на овој проблем.
„Општина Битола од 2016 година, со забраната за делување на шинтерската служба, не презела никакви мерки во решавање на овој проблем. Верувам дека со сите преземени активности, конечно ќе ставиме крај на овој сериозен проблем. Повикувам и на поголема контрола од страна на полицијата и да не се дозволи испуштање на кучиња скитници во градот, особено од лица кои ги носат од соседните места или други општини. Само сите заедно, можеме да постигнеме брзо и целосно решавање на проблемот“, заклучува градноначалникот на Битола.