Кој ги лаже скопјани? Од „Водовод“ велат дека не побарале поскапување на водата, Бислимоски демантира

„Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ лаже дека не побарало поскапување на цената на водата“, вели претседателот на Регулаторната комисија Марко Бислимоски, откако од јавното претпријатие испратија соопштение-„демант“, во кое тврдат дека информацијата оти водата во Скопје ќе поскапи е лажна.

Бислимоски во изјава за „СДК.мк“ вели дека на 11 ноември претпријатието доставило барање за утврдување на тарифа за водна услуга, потпишано од тогашниот в. д. директор Марјан Митовски, а РКЕ ги има документите кои тоа го потврдуваат.

„Доставија до нас барање за нови тарифи за водоснабдување, собирање и одведување на отпадни води и прочистување на отпадни води. Ние одлуката на подготвителната седница ја донесовме врз база на овие барања. Ако не сакаат да поскапи водата како што велат сега, нека ги повлечат барањата. Ама бидејќи не знаат што сакаат и лажат, ние конечна одлука нема да донесеме“, вели Бислимоски.

Од „Водовод“ побарале минималното зголемување да биде да биде 2,5 денари по метар кубен, а максималното 5,3 денари, додека РКЕ на седница одобрила минимално поскапување од 0,76 денари за метар кубен, а максимално од 3,4 денари. Скопските домаќинства во просек трошат по околу десет кубици вода, што значи дека сметките ќе бидат повисоки за најмалку седум, а најмногу 34 денари.

Од „Водовод и канализација“ во „демантот“ велат дека „во согласност со Законот за утврдување цени на водните услуги се доставува известување за зголемените трошоци на претпријатието по основ на електрична енергија и енергенси во форма на барање за утврдување на тарифите за водните услуги, барање кое е доставено во 2022 година“, но дека не побарале од Советот на Град Скопје поскапување на водата.