Чудна е оваа наша Македонија! Уште повеќе зачудувачки системот на високото образование, а запрепастувачки е моделот на просветната инспекција на состојбите во актуелното функционирање на државните и приватните универзитети, приватни колеџи, институти, поконкретно кажано овие институции го КОНТРОЛИРААТ ДРЖАВНИОТ ПРОСВЕТЕН ИНСПЕКТОРАТ! Наместо како во една сериозна правна држава државниот просветен инспекторат да воведе ред и поредок на сите системи на образование, кај нас не се знае кој на кого му слугува. Зошто? Едноставно заради високата корупција во институцијата државен просветен инспекторат каде во последните години сме сведоци на непрофесионално и неетичко однесување.
Кој ги кочи образовните трендови кај нас?
КОРУПЦИЈАТА ги кочи цивилизациските трендови во образованието кај нас. Корумпирани службеници и корумпирани професори е идеалната формула за распад на системот. Се повеќе се зборува дека постои образовен картел во државата, покрај нарко картелот на власта. Врз основа на кои индикатори ги засновував овие мои тврдења. Еве да почнам по ред:
- Во ниту еден приватен универзитет нема вработени професори со бројка која ја одредува Законот за високо образование-10 професори по факултет! За асистенти да не зборувам. А, во Елаборатот за акредитација на студиска програма може да видите наредени и професори и асистенти. Во практиката тоа е измислена именка. Проверете ги веб страниците на универзитетите, приватните колеџи, институти со голема разочараност можам да констатирам дека ниту еден приватен универзитет, колеџ не ги исполнува законските услови за работа: ФОН универзитетот, Европскиот универзитет, Универзитетот за туризам и менаџмент, Американскиот универзитет, Универзитетот на Мерко во Струга…кој уште не. Жално. Студентите плаќаат високи школарини, а знаењето е надвор од секоја рамка. Да не зборуваме за тоа дека нема професори од соодветната област да го предаваат предметот, туку на пример предмет од една област го предава професор од сосема трета област. Ова е невиден корупциски криминал. За ова знае Владата, и онаа во владата за добро поведение, токму поради ова изигрување на Законот за високо образование молчи, наместо веднаш да побара и да се отвори истрага од Јавното обвинителство за сите вработени во Државниот просветен инспекторат кои со непревземање на мерки за почитување на законот овозможуваат криминалот и корупцијата да царуваат!
- Колку професори продаваат во своите кабинети книги на студентите? Парите ги земаат на рака директно од студентите. На поедини факултети професорите изготвуваат списоци и секој студент, кој не е на списокот сигурно ќе биде паднат на испит. Посебно ги потсетувам управите на овие универзитети да спроведат внатрешна истрага и да дознаат што прават индивидуално одделни професори, со што го рушат имиџот на универзитетот. Една книга ја продаваат по 1500 до 2000 денари, а некои кои почнуваат со тоа првичната цена е 500 денари или дај што даш за една 6-ка. Еден од студентите ми раскажа како после плаќањето на книгата кај професорот добил 10-ка и професорот го прашал да не згрешил, што било вчудоневидено за студентот. Жално е што дозволија студентите да бидат уценети со купување книги, а тоа никој да не го забележи. Затоа и да не очекуваат нови студенти. Или случајот на студент (има повеќе студенти) на Правниот факултет „Јустинијан Први“-Скопје, странски студент од Турција, последниот испит го полага 18-пати по Меѓународно природно право, кај професорот Тони Десковски. Студентот бара да полага Комисиски што има законско право и согласно подзаконските акти, менаџментот на факултетот не дозволува. Зошто? Да се врати во Турција? Тука треба под итно да постапи студентскиот правобранител, државниот просветен инспекторат, како и организациите за човекови права во Македонија или меѓународни институции!!! Или можеби амбасадорот турски во Македонија! Вака ли ќе запишуваме странски студенти?! Вака ли ќе привлекуваме странски студенти!!! Размислите сите!
- Eдна пријава која треба да се провери и од Државниот просветен инспекторат и од Деканот на Филозофскиот факултет и од Одборот за евалуација на високото образование се однесува на асистент м-р Лета Барџиева Миовска која неколку години по ред, паралелно со нејзиниот редовен работен однос на Европскиот универзитет, Факултет за детективи и криминалистика како асистент, истовремено одржувала вежби и ги контактирала студентите кај проф. д-р Оливер Бакрески на Филозофскиот факултет во Скопје, за предметите кои тој ги предава. Истата закажувала консултации, испити итн, што е секако незаконска дејност и криминал од образовна институција која образува кадри да се борат против криминалот? Да не е тажно, ќе биде жалосно! Имено, никаде во Законот за високото образование не постои можност асистент да биде визитинг асистент, а уште помалку е законито и нечесно спрема Европскиот универзитет да се зема плата и пензиско и здравствено осигурување и во тајност да работи асистентот и на државен факултет! Со каков договор била организирана нејзината академска активност? За колку пари се работи и како биле обезбедувани овие финансии? Одговорот треба да го даде продеканот за настава на Филозофскиот факултет, проф. д-р Оливер Бакрески, кој ја поттикнал оваа незаконска активност, како и сегашниот Декан на Филозофскиот факултет во заминување – проф. д-р Ратко Дуев! Финансова полиција треба да влезе на овој факултет и да го види движењето на парите, каде за пуста случајност е вработена сопругата на продеканот Бакрески, која е раководител на одделението за финансиско, сметководствено и материјално работење на Филозофскиот факултет! И да заклучам, дали постои кумска врска меѓу деканот Дуев и продеканот Бакрески и како овој „камерен” дует функционира овие години, со посебен акцент на трошењето на финансиите на факултетот? Денес, според сајтот на Филозофскиот факултет, м-р Лета Барџиева Миовска е соработник за библиотечно работење!
Конкретен прв пример: По дадена преставка, што констатираат Државните просветни инспектори Мирјана Насковска и Тони Илиев
Kандидатката за ректор професор д-р Устијана Речкоска Шиковска на Универзитетот за информатички науки и технологии „Св.Апостол Павле-Охрид, поднесува преставка до Државниот просветен инспекторат со барање да се изврши вонреден инспекциски надзор, со иницирање злоупотреба и неправилности во постапка за избор на ректор од страна на универзитетската изборна комисија, во врска прифаќање на пријавата на професор Анастас Џуровски кандидат за ректор со некомплетна документација (Одлука за потврдување на избор во редовен професор, донесен од сенатот на универзитетот УКЛО-Битола и доставената Програма за работа во мандатниот период 2024-2027 година, која програма не е потпишана од страна на самиот кандидат, кој аплицирал за ректор на Универзитетот за информатички науки и технологии „Св.Апостол Павле“-Охрид).
Од страна на Државниот просветен инспекторат извршен е вонреден инспекциски надзор, констатиран во Записник бр.ИП1 09-1172 од 28.12.2023 година, од страна на Советниците-Државни просветни инспектори Мирјана Насковска и Тони Илиев. Инспекторите утврдиле „факти“ и констатирале „се било во ред“ и предметот „се запира“. Зарем не го видовте овој факт колеги инспектори од документацијата: Видите ја Одлуката бр.02-358/13 од 2.09.2021 г.каде што Наставно-научниот совет на Правниот факултет-Кичево, врз основа на член 110 став 1 точка 8, а во врска со член 166 став 3, член 167, член 173 став 2 и член 175 став 2 од Законот за високо образование(СЛ.весник на РМбр.82/2018… на ден 30.08.2021 година, ја усвојува едногласно Одлуката… читајте го ова од Одлуката од диспозитивот точка 2 Оваа Одлука влегува во сила со денот на донесувањето, а по потврдувањето од страна на Сенатот при УКЛО-Битола, ќе се применува почнувајќи од 01.11.2021 г… Врз основа на кои факти се констатирани? Само вие знаете?! Ова е нестручен, непрофесионален, тенденциозен и под влијание катастрофален записник. Срам за Државниот просветен инспекторат!!!
Втор пример: Дополнителен инспекциски надзор, што констатира инспекторот Даниела Кироска?
По реакција на иницијаторот на преставката и паушалните констатации на инспекторите по доставениот Записник бр.ИП1бр.09-1172 од 28.12.2023 година, се бара од Државниот просветен инспекторат и до Републичкиот инспекциски совет, да се изврши дополнителен инспекциски надзор и да се изземат Советниците-Државни просветни инспектори Мирјана Насковска и Тони Илиев. Па така, на 5.01.2024 година, се врши дополнителен вонреден инспекциски надзор на Универзитетот за информатички науки и технологии „Св.Апостол Павле-Охрид, на Советникот – Државен просветен инспектор Даниела Кироска Во поглед на наводите од преставката за преиспитување на комплетност на документацијата на кандидатот Анастас Џуроски, односно дали кандидатот има доставено комплетна документација согласно член 173 став 2 од ЗВО. Дали Програмата за работа на ректор во периодот 2024-2027 година, своерачно потпишан. Од Записникот ИП1 бр.09-02 од 09.01.2024 година, од повторното преиспитување на Советникот – Државен просветен инспектор Даниела Кироска, констатира дека: кандидатот за ректор на Универзитетот за информатички науки и технологии „Св.Апостол Павле-Охрид, Анастас Џуроски нема доставено Одлука за редовен професор потврден од сенатот на УКЛО-Битола што е спротивно на член 173 став2 од ЗВО. Исто така и во однос на Програмата за работа не е своерачно потпишан од кандидатот за ректор Анастас Џуроски.
По констатираните неправилности од Записникот ИП1 бр.09-02 од 09.01.2024 година Советникот – Државен просветен инспектор Даниела Кироска, е должна да достави управен акт решение за отстранување на неправилностите на Универзитетот, а не само да биде запознат министерот за образование и наука и да превземе натамошни мерки, а се насочува поднесувачот на преставката или Универзитетот законските права да ги бара на Управен суд. Ова е законски пропуст на Советникот – Државен просветен инспектор Даниела Кироска. Ова е елементарно непознавање на законската регулатива – НОНСЕН. Ова е несовесно работење и рушење интегритетот свој и на институцијата со одбегнување на законската работа на инспекторот. Под итно треба, надлежните институции да им ги одземат лиценците за работа! Срам за Државниот просветен инспекторат.
Трет пример: Како постапува по преставка Државниот просветен инспектор Соња Зашовска?
Со доставената преставка на С.Т. (личните податоци се познати на редакцијата) до Државниот просветен инспекторат, истакнува: „сакам да Ве запознам за тортурата која не престанува, незаконските активности во работењето на Браинстер Нехт Колеџ и од тие причини барам согласно вашите законски надлежности да извршите вонреден инспекциски надзор за нивното работење и утврдeни неправилности во работењето, согласно Законските прописи, бројот на вработени ангажиран наставен кадар, наставни програми и слично.
Во конкретниот случај се работи за следното: М.Т. (мојот син), беше запишан во Браинстер Нехт Колеџ во учебната 2022/23 година, ИД 22009 како прва генерација на студенти во спомнатион Колеџ. Пред запишување на Колеџот беше организирана свеченост по повод отварањето на Колеџот каде беа презентирани детали околу нивното работење и нивните ветувања, кои навистина изгледаа доста примамливи и убедливи во донесување на одлука како добар избор за едукација на нашиот син. По потпишување на договорот, кој беше предложен и составен од нивна страна и почетокот на школската година, за кратко време се виде дека нивните ветувања воопшто не соодвестуваат со нивниот начин на работа.
Од страна на мојот син, повеќе пати на вработените на Браинстер Нехт Колеџ им беше укажано за неправилностите и пропустите, но за жал, наместо подобрување и надминување на проблемите, истите се зголемуваа како одминуваше наставната програма, особено при полагање на испитите.
Во Договорот никаде не беше наведено дозволен број на полагања и дека после „одреден број“ на полагања, кој подоцна беше утврден од нивна страна од пет полагања, треба да се доплатат дополнителни 399 евра. Никаде во Договорот, во ниту еден член не стои вакво нешто, немаме потпишано ниту анекс на договорот каде ќе биде опфатен и новоизмислениот член, според кој би имале право на ваков надоместок. Доколку ваков член беше ставен во договорот, никогаш немаше да потпишеме таков договор.
Најверојатно знаејки ги сите овие детаљи, управата на Колеџот проба подоцна ова да го додаде како дополнителен трошок, и за жал, најверојатно им успеа оваа нивна измислена ставка кај најголем број од веќе отпишаните студенти. Бројот на отпишани студенти е поголем од две третини, што е уште една потврда за нивниот непрофисионален однос.
Од Договорот во прилог може да ги видите точно утврдените детаљи, како начин на плаќање, обезбедена пракса и вработување по завршување и почеток на отплата на школарината. Како засегнати родители од наша страна беа направени многубројни напори и укажувања како не би дошло до оваа преставка, но за жал тие беа глуви на нашите укажувања и наместо да се корегираат тие продолжуваат со тортурата и ни испратија ултиматум доколку не бидат прифатени нивните наметнати и новоизмислени услови и правила ке бидеме дадени на извршител за наплата од 2950 евра, за прва година. Наместо ние на нив да им плаќаме за првата година, тие на нас треба да ни платат оштета за изгубената прва година и преживеаната тортура и стресови.
Од наша страна веќе е побарано раскинување на договорот, заради непочитување на нивниот договор од нивна страна.
Затоа Ве замолувамe за Ваша интервенција, како институција согласно вашите законски прописи со што однапред ви благодриме на наврементата реакција, која ќе спаси многу изпишани сегашни и идни студенти и нивните родители од дополнителни проблеми и тортури.
Вонреден инспекциски надзор на Советникот- Државен просветен инспектор Соња Зашовска
По добиената преставка в.д. директорот Халит Фератов на Државниот просветен инспектор, со задолжение на бр.09-05/2 од 23.01 2024 година, а врз примена иницијатива од С.Т. за вонреден инспекциски надзор се задолжува и го извршува советник-Државен просветен инспектор м-р Соња Зашовска.
Од извршениот вонреден инспекциски надзор советник-Државен просветен инспектор м-р Соња Зашовска со Записник бр.09-92 од 29.01. 2024 година, ја констатира следната „фактичка состојба“, читајте:
„На ден 29.01.2024 година, извршен е вонреден инспекциски надзор на Самостојната висока стручна школа Бреинстер Некс – Скопје.
По разгледување на документацијата и извршениот службен разговор одговорните присутни лица, Советникот -Државен просветен инспектор (М.З. м-р Соња Зашовска) ја утврдила следната состојба:
„Самостојната висока стручна школа Бреинстер Некс – Скопје, ги исполнува сите пропишани услови за работа на високообразовната институција (број на професори, простории и материјални услови)“.
Па, констатира дека според член 206 од Законот за високо образование, ДПИ (М.З.Државниот просветен инспекторат) не е надлежен за поставување по склучувањето на приватните договори за финансиските трансакции на запишаните студенти и самостојната висока стручна школа Бреинстер Некс – Скопје.
Со тоа Државниот просветен инспектор констатира дека „нема пропусти на Самостојната висока стручна школа Бреинстер Некс – Скопје. И со тоа „констатира дека нема пропусти во работењето на Самостојната висока стручна школа Бреинстер Некс – Скопје“.
Законски пропусти од извршениот вонреден инспекциски надзор по Записникот бр.09-92 од 29.01.2024 г. на Советникот – Државен просветен инспектор м-р Соња Зашовска, На самостојната висока стручна школа Бреинстер Некст – Скопје
Од самиот вонреден инспекциски надзор по записник бр.09-92 од 29.01.2024 година, Советникот Државен просветен инспектор м-р Соња Зашовска, покажува елементарно непознавање, каде што наведува: „цел на инспекцискиот надзор беше проверка на наводите на иницијативата“. Конкретно не е наведено што бара подносителот, а бара: „На самостојната висока стручна школа Бреинстер Некс – Скопје, согласно Законот за високо образование (ЗВО) колкав е бројот на вработени – ангажиран наставен кадар, да се наведат, кои не сте ги навеле, и дали ги исполнуваат условите согласно ЗВО, такво нешто нема во записникот, нема ниту кои наставни програми ги има и работаат, согласно решението за акредитација на Самостојната висока стручна школа Бреинстер Некст – Скопје. Ова е само дел на сомнеж за непрофесионално, нестручно работење или работење под влијание и можност за сомнеж во работењето. Срам за инспекторатот.
Елементарното непознавање на инспекторот по доставениот записник бр.09-92 од 29.01.2024 година, наведува дека: „Државниот просветен инспекторат не е надлежен врз поставување по склучувањето на приватните договори за финансиските трансакции на запишаните студенти и самостојната висока стручна школа Бреинстер Некс – Скопје. Па, ако не е надлежен колешке Државниот просветен инспекторат, тогаш кој е надлежен? Треба да наведете кој орган, односно институција е надлежна. Во записникот тоа го нема. Зошто?
И тука има сомнеж за твоето незаконско и непрофесионално работење согласно Законот за инспекциски надзор и Законот за просветна инспекција. Ајде прочитајте го член 127 став 1 од Законот за високо образование (ЗВО) во делот на школарина. Дали го проверивте Договорот за студирање. Сигурно НЕ! Дали е наведено во Договорот, дека „по одреден број полагања од пет полагања, треба да се доплатат дополнително 399 евра“?! Колешке, тоа е надлежност на Државниот просветен инспекторат – читајте го ЗВО! По ова под итно треба да ви се одземе ЛИЦЕНЦАТА и да ви се покрене постапка за сомнеж со влијание во инспекторирањето!
Што стои во Договорот склучен на студирање на високата стручна школа„ Бреинстер Некс колеџ (прв циклус на студии со одложено плаќање)
Договорот е склучен на 25.08.2022 г. (колешке што не сте го виделе) заведен под број 32-0307/2022. Договорот е склучен помеѓу: Приватната високообразовна стручна школа Бреинстер Некс – Скопје, склучен со родителот (гарант платец и студентот). Во тој Договор, меѓу другото стои дека: „оваа Приватна високообразовна стручна школа, врши високообразовна дејност согласно Законот за високо образование, Статут… Студентот се запишува на прв циклус на студии на програма Софтверско инжинерство и иновации како редовен студент… ја плаќа школарината во висина и на начин определен со овој Договор.
Висината на годишната школарина за тригодишни студии на Бреинстер Некст – Скопје, изнесува 2.950 евра, во денарска противредност. Па, во Договорот стои и Одложено плаќање на школарината каде што :Студентот ќе започне со плаќање на школарина за студии кога ќе се исполни првите од следните два услови: првиот месец по вработувањето, првиот месец по дипломирањето, но не подоцна од 01.01.2026 година… Во истиот договор, член 15 од истиот, испитни рокови нема никаде за надоплнување или доплата на дополнителни средства на студентот, како што бара оваа Приватна стручна школа од 399 евра?… и во член 16 од тој Договор стои Пријави корупција…!
Ова е доказ колешке Соња Зашовска, за твоето елементарно непознавање, недукација и непознавање на Законот за високо образование, Законот за просветна инспекција и ЗИН!
Советници-Државни просветни инспектори го рушат интегритетот на инспекторатот
Во постапките при вршење на инспекцискиот надзор кога ги применувате одредбите од Закон за просветна инспекција, треба да знаете, читајте член 31 од Законот за просветна инспекција: „По извршениот инспекциски надзор, за утврдените состојби, преземените дејства и преземените мерки, просветниот инспектор составува записник. Па понатака читајте став 2 од истиот член „Доколку просветниот инспектор утврди дека не се применуваат законите, прописите и другите акти, донесува Решение со кое се наредува извршување на определени мерки на определен рок, кој рок го определува инспекторот, а тој рок не може да биде подолг од осум дена од денот на донесувањето на решението. Понатака од истиот член 31 стои: „Записникот и решението државниот просветен инспектор го доставува до високообразовната установа каде што е извршен инспекцуискиот надзор, до МОН и до директорот на Државниот просветен инспекторат во рок од осум дена од денот на инспекцискиот надзор… Па, понатака се врши контролен инспекциски надзор и тн. Но да ва потсетам на член 35 од Законот за просветна инспекција: Просветниот инспектор е одговорен, ако:-при вршењето на надзорот со решение не нареди преземање мерки и дејства кои по законот бил должен да го преземе, ја злоупотребува службената должност… Каде сте директоре на ДПИ-Фератов да побарате одговорност, а тоа ве обврзува член 16 од Законот за просветна инспекција, каде сте должни да вршите увид над работата на државните просветни инспектори?
Ова е доволно што ви објаснив. За Законот за инспекциски надзор, седнете читајте, ова што работите е срам и девалвирање на ИНСПЕКТОРАТОТ. Одговорност мора да сносите!
Повик до македонската јавност
Почитувана македонска јавност, секоја недела ќе објавувам за се’ што пристигнува до мене како информација. Жално е што граѓаните ја изгубија довербата во институциите и се’ повеќе граѓани секојдневно ме контактираат и пријавуваат за бројни аномалии во образованието. Јас останувам на страната на демократијата и јавноста. Колку повеќе не сум демантиран во моите писанија, толку повеќе сум убеден дека сум на вистинската страна и затоа ќе продолжам таму каде што институциите се хендикепирани. Единствено, немам лоша намера, сакам да помогнам, сакам нашите државни и приватни универзитети да бидат високо рангирани во светот. Немам омраза кон никого, напротив сакам моите поранешни колеги да се ослободат од стегите и да создадат услови сите универзитети да се еднакво застапени на образовната сцена.
Автор: Ѓорѓи Илиевски, Виш просветен инспектор во пензија за НетПрес