Кој го штити и прикрива приватниот универзитет ФОН?

Не стивнуваат реакциите на вработените професори, како и оние кои го напуштија универзитетот ФОН. Има реакции на група загрижени родители на студенти запишани во прва година во академската 2020/2021година, за незаконско работење односно извршување на работи спротивно на Законот за високо образование (ЗВО), како и Кривични дела кои се вршат на ФОН универзитетот, која стои во преставката доставена до Министерството за образование и наука и Државниот просветен инспекторат. Овие институции иако се запознати од страна на група загрижени родители, како и индивидуално од самите професори, институциите не постапуваат. Вакви и слични поплаки добив и јас преку мејл. Запознати се како што велат поднесувачите на преставките, премиерот Зоран Заев, министерката Мила Цароска, Томе Спироски директор на Државниот просветен инспекторат. Но, реакција за постапка од институциите нема. Велат овие институции го штитат овој приватен универзитет, нивниот сопственик и ВД ректорот Фрчковски.

Ајде по ред:

Загрижените родители на запишани студенти од прва година (пријавата е анонимна како што велат со цел заштита на нашите деца од понатамошни негативни последици, пријавата е доставена до сите институции), во нивната преставка меѓу другото, а за нив најважно истакнуваат дека, приватниот универзитет ФОН објавил конкурс за упис на студенти за академската 2020/2021 година, и по тој конкурс и услови се запишале на Прв циклус на студии, на предвидените студиски програми согласно конкурсот се предвидува дека студиските програми ќе ги следат на македонски и албански јазик и тоа на факултетите со насоки за правни и политички науки, економски науки, детективи и безбедност, спорт и менаџмент, дизајн и мултимедија, додека на факултетот за Информатички и Архитектонски на македонски и англиски јазик.

Но, на почетокот на септември од страна на универзитетот на запишаните студенти им била испратена порака на англиски јазик од страна на странско лице Тара Ебејер, која воопшто не била вработена на универзитетот и лица од администрацијата. На средбите биле преставени програми на англиски јазик, но при реакција на идните студенти било кажано дека тие се последна генерација која ќе студира на македонски јазик, а ќе има можност да бираат да студираат доколку сакале и на англиски јазик по некаква Американска програма. За време на состаноците присуствувале и други странци кои освен што зборувале на англиски јазик, не се преставиле во кое својство се присутни и држат состаноци.

Треба да се напомене дека овој приватен универзитет сега АУЕ (Американски универзитет Европа)-ФОН има извршено промена на Статутот за новото име сега. Известен сум од одговорните од Секторот за високо образование при МОН, истиот е законски поминат. Тоа е во ред. Што не е во ред и незаконски согласно член 131 став 1 од  Законот за високо образование дека овој АУЕ-ФОН универзитет нема акредитација за комплетни студии на англиски јазик што е спротивно и на член 48 став 5, 6,7, од Законот за високо образование (ЗВО), каде што студиските програми треба да бидат акредитирани, исполнетост на условите на студиските програми и слично. Започнување на активност и реализирање на студиски програми кои не се акредитирани и нема решение за почеток со работа е прекршочно дело и согласно Законот за високо образование треба да му се изрече мерка забрана за вршење на високообразовна дејност.

Со ваквото дејание на овој АУЕ-ФОН универзитет веќе преставува и измама на студенти, како и фалсификување на дипломи кои понатака би ги издавале, како што истакнав истото неможе да се изврши без број на решение за акредитација, а акредитација во моментот имаат само студиските програми наведени во конкурсот. Како што се констатира при уписите и пополнувањето на листите идните студенти на Прв циклус на студии заокружиле на кој јазик ќе студираат и секако дека никаде не постои комплетни студии на англиски јазик.

Изненадувањето да биде поголемо на првиот академски час на 19.10.2020 година, академскиот час е реализиран на англиски јазик-спротивно на конкурсот и ЗВО и се обраќа директно лице на англиски јазик професор Раимонд Акики, каде стои позиција на Претседател aeu.edu.eu. Додека од страна www.fon.edu.mk стои Претседател на управен одбор Сефер Цаноски, што се потврдува и со потпишаните договорите на запишаните студенти кои договори треба да се во студентските досиеја, бидејќи по истите плаќаат и средства за студирање. Со право се сомневаат студентите и нивните родители, дека, како што велат се работи за измама, а со оглед дека се појавуваат  странци и исто така како што велат студентите две паралелни интернет страни од универзитетот, според кој од едната страна е истиот правен субјект според кој се запишани студентите, а другата е субјект кој нема регистрација во државата, а на исто се јавува претседател проф. Раимонд Акики, кој првото негово обраќање го извршил со презентација и текстови, во кој покрај другото и видливи се и навреди кон правниот систем од нашата држава.

Кој е Раимонд Акики, странско лице инволвирано на ФОН универзитетот, човек кој има туристичка виза и нема дозвола за работа, како странско лице со привремен престој, се поставува прашањето: Дали може да биде Претседател на Управниот одбор на универзитетот. Се преставува како одговорно лице, а такви надлежности нема. Во Централниот регистер како одговорно лице се јавува Фијат Цаноски. Раимонд Акики се преставува како доктор и професор, ниту има нострифицирана диплома и докторат согласно нашите национални закони. Ја организирал работата на ФОН универзитетот и се меша како да е ректор и слично. Овде треба да се одважи МВР за странци, како за странски студенти исто така и за странски професори.

Кој е ВД ректорот на приватниот универзитет ФОН?

Професор д-р Данаилов Фрчковски е ВД ректор, човек лустриран кој согласно законот за лустрација неможе да врши одговорна јавна функција од законски и од морален аспект. Кривична одговорност треба да понесат сопствениците на универзитетот. ВД ректорот Фрчковски е соучесник на незаконски дејанија на универзитетот, како што велат професорите кои си заминаа и тие што се  на овој универзитет велат „не е толку проблемот што нередовно ги земавме платите, повеќе од незаконското работење и кршење на националните закони во нашава држава Македонија“.

Хаосот што постои на приватниот универзитет ФОН како ректор е одговорен и тој самиот. Истиот е ВД ректор и декан на два факултета, што е незаконски согласно ЗВО или се поставува декан на факултет со наставно – научно звање доцент, а на тој факултет има редовни и вонредни професори. Или ангажирање на помлад асистент и да води предмет кој треба да го води професор со наставно-научно звање и тоа на Архитектура. Незаконски се укинуваат предмети и без образложение и се доделуваат на луѓе кои не се избрани. Луѓе кои се во пензија се ангажираат на прв циклус на студии. На ФОН универзитетот на посебен список се водат запишани странски студенти од Бурунди и Авганистан. Како и дали се нострифицирани дипломите Каде сте Државни просветни инспектори?

Дали за ова знае ВД ректорот Фрчковски? Дали ќе има одговорност?

За ваквиот хаос на овој приватен универзитет АУЕ-ФОН на потег се премиерот Зоран Заев кој на овој универзитет даваше и дава подршка, кој беше предложен за нобелова награда. Ајде „нобеловец“ ти си на потег. Министерката за образование и наука Мила Цароска. Да го видиме твоето залагање за квалитетно високо образование?! Институцијата Одборот за акредитација и неговиот директор за квалитет Агим Рушити. МВР-странски сектор. Државниот просветен инспекторат, разбудете се од сонот!

Автор: Ѓорѓи Илиевски, Виш просветен инспектор во пензија за НетПрес