Во летниот период во Агенцијата за иселеништво вообичаено „врие“ од гости, претставници и делегации на иселениците од Македонија но изминатите месеци таквите активности се сведени на минимум, што според вработени во институцијата се припишува на несредените меѓучовечки и меѓупрофесионални односи во самата институција, за што се известени и надлежните институции, велат нашите извори според кои Агенцијата е узурпирана од две лица и нивните самоволни постапки.
За случувањата во Агенцијата за иселеништво, вработените преку синдикалната организација, а некои и поединечно, во повеќе наврати се обратиле до Синдикатот на УПОЗ, Народниот правобранител, Комисијата за заштита од дискриминација, Агенцијата за заштита на личните податоци.
Во таквите обраќања до релевантните институции, се посочува и дека постои судир меѓу заменикот директор на Агенцијата за иселеништво, Измет Нури, именуван на позицијата првенствено поради тоа што е внук на собранискиот спикер Талат Џафери и соработник на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, и директорот на Агенцијата, Слободан Близнаковски од ВМРО-НП, поради што и вториот не се појавува на работното место, доколку не биде известен дека неговиот заменик не се појавил, информираат инсајдерски извори на НетПрес.
Една од главните забелешки за директорот, како што велат истите извори, е тоа што Близнаковски воопшто не ги заштитил вработените во Агенцијата кои се нашле на удар на заканите од заменикот Нури, за што изминатиот период во повеќе наврати информираа медиумите.
Соговорниците велат дека, воопшто земено, директорот Близнаковски комуницира исклучиво со две раководителки на сектори во Агенцијата. Веројатно поради тоа, споменатите раководителки се чувствуваат толку моќни и заштитени, што си дозволуваат да упатуваат отворени закани на вработените со бркање од работа или со казни, тврдејќи дека тоа го прават по налог на директорот.
Така, наведуваат изворите, комуникацијата со вработените на „висок тон“ е вообичаена во просториите на Агенцијата, а посочуваат дека во тоа предничи извесна Билјана Костова, раководителка на Секторот за одржување и унапредување на врските со иселеништвото, информирање и културен развој на иселениците, којашто ја користи близината со директорот Близнаковски. Таа, Костова, дури како што посочуваат соговорниците, се промовирала и како иден директор на Агенцијата, веројатно, велат тие, сметајќи на поддршка на штипската организација на опозициската партија. Во истиот контекст се споменува и раководителката Виолета Секулова, од Секторот за правни, економски работи, реинтеграција на иселениците.
Кога станува збор за нарушување на правата на вработените, во контекстот на мобингот на работните места на кои се изложени, изворите го посочуваат и фактот што директорот Близнаковски наредил поставување камери во Агенцијата, коишто според соговорниците се користат спротивно на Законот за заштита на личните податоци. Велат и дека директорот од својот лаптоп и најчесто од својот мобилен телефон и кога не е на работното место „во живо“ ги следи камерите, иако сосема друго лице а не тој е овластен за контрола на надзорните камери како офицер за заштита на личните податоци. Близнаковски, велат, не поседува ниту лиценца за такви дејствија, ниту тоа му го овозможува каков и да е пропис.
Соговорниците наведуваат и дека има информации оти во Агенцијата се пристигнати повеќе дописи од Владата, поточно од Комисијата за етичко однесување на именувани лица, од Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ) а со кои се бара нивни претставници на самото место да се запознаат со ситуацијата во Агенцијата според информациите и претставките од вработени.
Бил доставен и допис од омбудсманот со кој се бара појаснување за поплаките од вработените на Агенцијата, како и предочување кои мерки во таа насока ќе бидат преземени од водството на институцијата со барање веднаш да биде запрен мобингот врз вработените, а на што било укажано и од УПОЗ: