Коњите во скопската Зоолошка се отруени со брзоделувачки отров

Зоолошката градина во Скопје информираше дека според официјалните резултати од обдукциските наоди, сортните коњи се отруени со брзоделувачки отров.

Резултатите се доставени до МВР и Агенцијата за храна и ветеринарство за понатамошно постапување, а поднесена е и кривична пријава и активно се трага по сторителот. Од Зоолошката велат дека ги проверуваат сите снимки од безбедносните камери.

Ваквиот срамен и кукавички чин силно го осудуваме и апелираме до МВР и Обвинителството да постапат што е можно побрзо со цел санкционирање на сторителот – додаваат од Зоолошката.

На 29 јули годинава три ретки и скапи коњи, по потекло од Монголија, за само 24 часа угинаа во скопската Зоолошка градина.

Во Зоолошката градина во Скопје оваа година, во мај од салмонела почина жирафата Каспер.