Кој и да ја смислил оваа монтажа со намера да го стави бизнисменот Јордан Камчев во притвор, под нехуман и понижувачки третман, работел аматерски и незаконски, набрзина и во паника. Се очекува тоа да се потврди и при увидот од страна на парламентарната Комисија за надзор над работата на Аагенцијата за национална безбедност (АНБ), пишува во неделата порталот Плусинфо.
Од утре собраниската Комисија за надзор на работата на Агенцијата за национална безбедност и на Агенцијата за разузнавање, на чие чело е пратеникот Љупчо Пренџов, ќе влезе во АНБ да изврши увид и да утврди дали постоело пречекорување на законските ограничувања и овластувања при постапувањето на АНБ во постапката СД бр. 02-545/1. Под овoj архивски број постои Информација на АНБ, врз основа на која на бизнисменот Јордан Камчев, осомничен во случајот „Плацеви на Водно“, му е изречена мерката притвор. Информацијата на АНБ носи датум од 14 март 2021 година, а тоа е истиот ден кога Камчев беше приведен и притворен.
Во предлогот за притвор за осомничениот, што го доставила обвинителката Лиле Стефанова до судот, било наведено дека Камчев бил следен од 12 до 14 февруари годинава од страна на АНБ, од која била добиена информација дека би можел да ја напушти земјата. Кон предлогот за определување притвор, како единствен доказ, била приложена Информацијата на АНБ за наводните подготовки на Камчев за бегство, која на одбраната не ѝ била доставена на увид. Таа Информација на АНБ е „крунскиот доказ“ со кој и судијата ја поткрепил одлуката на бизнисменот да му изрече мерка притвор во траење од 30 дена.
Премиерот во документот прочитал едно, а судијата друго?!
Врз основа на тој документ на АНБ, за кој цели дваесет дена во јавноста беспоговорно се тврдеше дека содржи и наводи за некаква наводна средба на Камчев со лице од Бугарија заради подготовка на бегство, се плетеа медиумски приказни за замешаност на бугарски агенти во плановите на осомничениот да избега. Потоа се огласи бугарскиот министер за одбрана Красимир Каракачанов, со тврдење дека тие приказни се „глупости“ за кои го обвини директорот на АНБ, Виктор Димовски.
До пресврт во таа опскурна приказна дојде кога за Информацијата на АНБ, која инаку е доверлив документ, во интервју на Канал 5 телевизија проговори премиерот Зоран Заев. Премиерот кажа дека го видел тој документ неколку часа по апсењето на Камчев и читајќи го, се убедил дека во него има „индиции и докази“.
„Не бил следен, не се работи за следење. И тоа агенти, Бугарија… Не е точно, нема таква работа. Има причини дома. Не смееме да зборуваме. Има неколку причини поради кои кај нив се пробудил инстинктот да напишат и да пријават“, изјави на Заев, објаснувајќи што видел во доверливиот документ на АНБ.
По овој настап на Заев, јавноста остана збунета. Зошто премиерот го демантира судијата во претходна постапка Васил Динковски? Зошто сега Заев тврди дека во белешката не било напишано она на кое се повикал самиот судија? Во решението за притвор што го потпишал Динковски на 14 март, меѓу другото, јасно и гласно е запишано и ова: „… Информацијата на АНБ на РСМ СД бр. 02-545/1 од која се гледа дека осомничениот остварил средба со лице од Бугарија, а во врска со реализацијата на намерата за бегство во Бугарија“?, пишува Плусинфо обавувајќи снимка од посочениот документ.
Натаму во врска со овој документ, во написот на Плусинфо се поставува прашањето кој лаже!? Дали стаува збор за премиерот Зоран Заев, судијата Васил Динковски или, можеби, обвинителката Лиле Стефанова!? Како можело судијата Динковски да измисли дека во Информацијата на АНБ видел дека пишува за таа наводна средба? И како можела АНБ да знае што се зборувало на таа средба, ако немало следење на Камчев, како што тврди Заев?
И Судот се спремал за „бегство“ од лагата на АНБ
Собраниската комисија, меѓу другото, ќе мора да утврди дали во белешката на АНБ се спомнува средба на Камчев со лице од Бугарија и дали имало следење на осомничениот во периодот од 12 до 14 февруари, или немало ништо такво, како што сега тврди Заев. Важно е да се утврди кој лажел, со намера да сплете приказна за „опасниот“ Камчев, кој божем се подготвувал за бегство во Бугарија. Иако и самиот Каракачанов во една реченица ја демантираше таа лага на македонските власти – ако некој сакал да му помогне на македонскиот бизнисмен да избега во Бугарија, ќе го ставел во дипломатско возило и никој немало да го види.
Сега станува појасно зошто судијата на 14 март не дозволил одбраната на Камчев да изврши увид во овој документ на АНБ, клучен доказ за одлуката за притвор. Жалејќи се на одлуката за притвор, Тони Менкиноски, адвокатот на Камчев, пишува: „… Судијата својата одлука ја засновал и на Информацијата од АНБ на РСМ СД бр. 02-545/1 од 14.03.2021 година, според која осомничениот остварил средба со лице од Р Бугарија, во врска со реализацијата на намерата за бегство“. Адвокатот, се разбира, не можел да ја измисли оваа информација што самиот ја оспорил како несериозна.
Веќе во решението, во кое Судот ја отфрла жалбата на притворениот Камчев, не се спомнува „средба со лице од Р Бугарија“. Веројатно некој сфатил дека таа лага тешко ќе помине. Но, ова решение пак се повикува на спорната Информација на АНБ, во која „се наведувало дека осомничениот подготвувал бегство од РС Македонија во Р Бугарија“. Покрај оваа информација, тврди судијата, „обвинителството до судот доставило повеќе други докази и навело повеќе околности поради кои смета дека доколку на осомничениот не му биде определена мерката притвор истиот би се дал во бегство“. Но, за судијата е неспорно дека „информацијата доставена од АНБ уште повеќе го зацврстила основаниот страв и околностите“ дека постоела опасност од бегство.
Аматерска монтажа за да се фрли Камчев зад решетки
Ако во документот на АНБ не се спомнувале никакво следење и никакви Бугари, како што тврди Заев, а под претпоставка дека не лаже, тоа значи дека Информацијата на АНБ практично е истоветна со сомневањата на обвинителката Стефанова, кои се небулозни. Една од „сомнителните“ околности за Камчев која се наведува е фактот дека тој поседува двојно државјанство. И таа околност се потенцира како да е откриена Америка, при што се заборава дека надлежните органи не само што знаат дека поседува бугарски пасош, туку веќе му го одзеле, заедно со македонскиот, токму како мерка за обезбедување. И тоа дека Камчев има бизниси и пари во Бугарија и во други земји се „сомнителни околности“ за кои знаат сите, зашто тој своите бизнис активности во соседните земји не ги крие, туку се фали со нив и тоа со право.
Се чини дека во неделата на 14 март, кога Камчев буквално бил киднапиран на улица со намера да биде притворен, се сметало дека сите овие „сомнителни околности“ не биле доволни да се убедат судијата и јавноста, па набрзина е подготвена Информацијата на АНБ, во која веројатно било наведено и тоа дека осомничениот бил следен од 12 до 14 февруари годинава и дека имал средба со лице од Р Бугарија заради реализација на бегството. Ако сето тоа не било наведено во тој документ, тоа би значело дека судијата Динковски не го видел она што го видел, а адвокатот Менкиновски оспорувал небулози што не ги слушнал и кои ги нема во решението за притвор. А ги има…
Кој и да ја смислил оваа монтажа со намера да го фрли Камчев во притвор, во келија „два на два“ со „нехуман и понижувачки третман“ (потврдено од Народниот правобранител), работел аматерски. Или набрзина и во паника. И не очекувал дека лагата лесно ќе биде демонтирана. Внимавајте, јасен доказ дека Информацијата на АНБ била скоцкана за да се поткрепи одлуката за притвор е фактот што таа носи ист датум со денот на приведувањето – 14 март 2021 година! Каква неверојатна коинциденција! Некој во АНБ морал во ден недела, на Прочка, да седне и да го напише и да го архивира тој документ. А јавноста треба да поверува дека службениците во АНБ биле толку зафатени што немале време тоа да го сторат ден порано, на пример!
Како АНБ заклучила дека осомничениот ја загрозува националната безбедност?
Комисијата за надзор на работата на Агенцијата за национална безбедност и на Агенцијата за разузнавање, има сериозна и одговорна задача да изврши квалитетен надзор на оваа постапка. Менкиновски бара да се утврди дали имало пречекорување на овластувањата, преземање неовластени постапки, злоупотреба и други неправилности во работењето. Комисијата мора да утврди дали мерките што ги спровела АНБ се поткрепени со наредби од суд за спроведување на мерки за тајно собирање на податоци и информации, како и со наредби од суд за спроведување мерки за следење на комуникации. Треба да се утврди дали начинот на собирање на тие податоци е законски.
Според Законот, Агенцијата за национална безбедност е овластена за заштита на националната безбедност на државата. АНБ ќе мора да одговори како заклучила дека осомничениот Камчев ја загрозува националната безбедност, за да биде следен два дена и да биде поготвена службена белешка во која имало информација дека се спремал за бегство во Бугарија.