Лажните ветувања, илјадници на број, беа мечот со кој ја освои и ја одржува власта. Со лажни ветувања од типот „300 пилоти во Арачиново“ и уште илјада други, дојде на власт, со лажни ветувања од типот „после нова година енормно ќе ги покачиме пензиите“ и илјада други, се одржува на власт, со илјадници лажни ветувања функционира веќе три години. Секако, тоа е Зоран Заев и неговата насилно, незаконски и противуставно инсталирана влада.
И на крајот, токму едно такво лажно ветување е остриот меч што ќе му пресуди и нему и на инсталираната влада – лажното ветување кое му било повторувано дека годинава токму тој, „херојот на европска Македонија“ ќе си дојде дома со датумот за отпочнување преговори со ЕУ во џебот. Нормално, откако насилно, противуставно, „на балкански начин“, што би рекол Хан, ќе го смени името на Република Македонија, ќе го избрише постоењето на македонскиот народ и ќе ги распродаде вековните идеали на нашите претци.
И, токму затоа – кој од меч живее, од меч ќе си умре.
Ова што деновиве, за жал, се случува со Република Македонија ме потсети на една стара приказна, вистинита или не, но која оди вака: На времето пред постоењето на авионите, една убава млада девојка сакала да побегне од сиромаштијата и да замине во „ветената земја“, преку „големата бара“. Со мала бовча в рака дошла на големото пристаниште за да се качи на бродот што ќе ја однесе во посреќна иднина. Стоејќи така изгубена на пристаништето ја здогледал еден морнар и откако дознал која и’ е намерата и ветил дека тој ќе и помогне да стаса до „ветената земја“, само ќе мора да ја сокрие во неговата кабина и воопшто да не излегува од таму бидејќи патувањето трае три месеци и ќе ја исфрлат од бродот доколку ја видат. Девојката, наивна каква што била, а цврсто решена да стаса во „ветената земја“, прифатила и се сокрила во кабината на морнарот. Во наредните три месеци можеме само да си замислуваме што се случувало секоја вечер во кабината на морнарот, ама нели заради среќната иднина и влезот во „ветената земја“ секоја жртва е поднослива. И да не должам на крајот, после три месеци, морнарот ја истоварил девојката на истото пристаниште од кое што тргнале и дури тогаш сфатила кутрата девојка дека е сурово изиграна, бидејќи тоа не бил бродот до „ветената земја“, туку брод кој секојдневно сообраќал само до најблискиот остров и назад. Препредениот и суров морнар жестоко си поиграл со нејзината желба за посреќна иднина во „ветената земја“ и со нејзината и онака тажна судбина. Ја искористил и ја фрлил.
Го пишувам ова за да по којзнае кој пат проговорам за двојните стандарди на таканаречената меѓународна заедница, двојни стандарди кои за жал најжестоко се прекршуваат токму врз судбината и иднината на Република Македонија и македонскиот народ. Имено, само во последниве неколку денови сме сведоци на неколку од нив.
1. Во исто време додека од Србија со сите сили се бара да ја признае независноста на Косово извојувана со крвава војна на НАТО против нашиот северен сосед, во Шпанија се осудуваат на казни затвор од 9 до 13 години луѓето кои организираа успешен референдум за независност на Каталонија. Се осудуваат за истото она што по мирен пат, со јасна порака од народот сакаа да го добијат, наспроти воената разврска на Косово.
2. Успешниот референдум за независност на Каталонија не се признава и дури се прогласува за противзаконски, а неуспешниот референдум од 30 септември во Република Македонија не само што е признаен, туку е темелот врз кој се изврши уништувањето на државата на македонскиот народ.
3. Во истиот ден кога Франција ги блокира евентуалните преговори на Република Македонија со ЕУ, францускиот парламент го верификува пристапувањето на државава во НАТО. Појасно здравје. Сто пати повтореното дека се’ што се случуваше во последниве пет години беше насочено само кон втурнување на територијата на Република Македонија под НАТО чадорот.
4. Албин Курти, човекот кој ќе ја формира новата влада на Косово, јасно кажува дека не се резултатите од изборите тие што одлучуваат кој од српските претставници ќе учествува во составот на новата влада, па и покрај тоа што „Српската листа“ ги освои сите десет мандати, тој ќе си определи „подобни“ Срби, кои ќе бидат дел од владата иако ниту учествувале, ниту добиле мандат на одржаните парламентарни избори.
Истовремено, под притисок токму на двојните стандарди на таканаречената меѓународна заедница, пред десеттина години во Македонија тогашниот премиер Никола Груевски не само што не смееше да си именува „подобни“ Албанци во владата, туку му беше наметнато измислено непишано правило дека мора да коалицира со партија на албанското малцинство која освоила најмногу пратенички места. Така, претходно од СДСМ промовираниот ДУИ, како нивни коалициски партнер, беше насилно инсталиран и во Владата на Груевски.
Текстов, со укажувањето на последиците од лажните ветувања и двојните стандарди, нека биде само едно предупредување до сите кои сакаат да се занимаваат со политика, дека македонскиот народ не може да истрпи повеќе понижувања и обезвреднувања, дека веќе на наредните парламентарни избори, што мора најитно да се распишат, жестоко ќе ги казни оние кои проѕирни до крај одеа и коленичеа во Брисел, но не заради иднината на државава, туку заради зачувување на голата власт.
Предупредување дека овој народ нема по втор пат да се качи на лажниот брод за „ветената земја“.
Автор: Страшо Ангеловски, претседател на МААК за НетПрес