Пијан кочанец со нож го пробол синот

Жител на кочанското село Теранци со нож го пробол својот син, по расправија во која двајцата биле пијани, информираше МВР.

Според полицијата, инцидентот се случил вчера околу 23.20 часот во селото кога дошло до расправија меѓу Д.С. (75) и неговиот син Д.С. (38). Кавгата преминала во тепачка во која таткото извадил нож и два пати го пробол синот. Повредениот Д.С. бил пренесен во Медицински центар Кочани каде му биле констатирани тешки телесни повреди и бил задржан на понатамошно лекување. Полицијата го привела Д.С.  кој е притворен во Полициската станица Кочани.
– Основното јавно обвинителство Кочани презема дејствија за расветлување на настанот. На нападот претходела расправија која веќе подолго време во континуитет се одвивала во семејниот дом. Според првичните сознанија, таткото во самоодбрана со нож го нападнал синот. Обвинителството по преземање на првичните мерки во координација со екипа од МВР утврди дека сторителот бил под дејство на алкохол, со 0,54 промили алкохол во крвта. Издадени се и наредби за проверка на крвта и на повредениот поради постоење на индиции дека и тој бил во алкохолизирана состојба кога се случил настанот- рекоа од обвинителството.

Со цел да се утврдат фактите во предметот, надлежниот јавен обвинител издаде наредби за обезбедување и прибирање на траги од местото на настанот. Подигнат е и ножот со кој веројатно е извршен нападот и истиот е даден на натамошно вештачење.​