Кога обезбедувањето на Заев претепа 10 лица пред дискотека во Струмица, Спасовски го криеше настанот

По информацијата за инцидентот во кој е инволвиран член на обезбедувањето во ВМРО-ДПМНЕ, од партијата посочија дека  лицето ќе биде отстрането од обезбедувањето и нема да има никакви работни ангажмани поврзани со претседателот на партијата, Христијан Мицкоски.

Тие исто така бараат органите, без задршка да ги преземат сите потребни мерки за расветлување на настанот и најостро да казнат секaков вид на насилство, постапувајќи во согласност со законот.

Сличен ваков настан се случи во 2016 година, но тогаш вмешан во настанот беше лицето Александар Трајков, обезбедување на лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Како лично обезбедување кое го следеше Заев, Трајков на 15 октомври 2016 година претепал 10 лица пред дискотеката Платинум во Струмица. Од нив две момчиња и едно девојче завршија со тешки повреди, откако без причина и повод ги нападнал Александар Трајков. Тогаш министер за внатрешни работи беше Оливер Спасовски и овој случај имаше обид да биде заташкан, пишува Курир.

Насилството, иако пријавено во МВР, службите на Спасовски го сокрија инцидентот предизвикан од партиското обезбедување на СДСМ. Во дневниот билтен на МВР немаше ни збор за масовната тепачка која ја направил телохранителот на Зоран Заев.

Подоцна, поради сериозноста на инцидентот и притисокот на јавноста, СДСМ го призна настанот и најави дека лицето ќе биде повлечено од обезбедувањето на Заев.

„Во врска со информациите за евентуална инволвираност во инцидент на Александар Трајков, едно од лицата од придружбата на претседателот на СДСМ, Зоран Заев, соопштуваме дека споменатото лице било приватно излезено во Струмица, додека претседателот Заев присуствувал на партиски активности во Охрид. Посоченото лице ќе биде отстрането од придружба на претседатателот Заев на определно време, во исчекување на наодите во МВР“, соопштија тогаш од СДСМ. Дури по јавното објавување на соопштението на СДСМ, МВР испрати официјално соопштение за инцидентот.

Подоцна, од страна на МВР беше поднесена и прекршочна пријава за ова лице.

Сепак тоа не го спречи насилниот Трајков да се заканува и на новинари и медиуми. За скандалот да биде поголем, тој испрати и закани за тужби бидејќи се чувствувал навреден, а адвокатот кој го застапуваше беше личниот адвокат на Зоран Заев, Ване Андреев, пишува Курир.

После одредено време, лицето Александар Трајков, повторно беше вратено во обезбедувањето на Зоран Заев како ништо да не се случило, а јавноста сѐ уште нема информации дали и како заврши ова скандалозно насилство од личниот обезбедувач на Заев.