Дали патриотизмот е мртов? Застарен? Или демоде како што тврдат нашите рециклирани комунисти и нивните наследници на кои искрено и не им личи. Ај што не им личи, гледам тераат спрдачина со него. После се чудиме што така лесно го продадоа името на државата, нејзината историја, култура и се поиграа со идентитетот на својот народ. Многумина од нив размислуваат за патриотизмот на ист начин како за венерична болест: може да се случи да покаже неколку симптоми од време на време, но би ни било крајно непријатно да разговараме за тоа.
За нив патриотизмот е еквивалент за национализмот како прекумерна љубов кон сопствената земја, често придружена со омраза или презир кон другите земји и ксенофобија која се поврзува со страв или недоверба кон странци, или луѓе од различни култури. Затоа патриотизмот се обидуваат да го поистоветат со раѓањето на фашизмот: нешто што би било побезбедно да се задуши сега, пред да се развие во општеството меѓу населението. Обвинувајќи дека патриотизмот на ВМРО ДПМНЕ е за пропагандни политички цели, а не средство преку кое се промовира национална гордост, ги квалификуваат патриотите како заблудени луѓе кои слепо следат без да ги доведуваат во прашање нејзините постапки или политики. За нив тоа се луѓе со недостаток на критичко размислување и неподготвеност да се оспори авторитетот, што е штетно за демократијата и слободата.
Затоа „големите шарени демократи“ така лесно се мајтапат со патриотизмот, тврдејќи дека не можеле да донесат одлука да станат патриоти, зашто патриот не се станува, патриот се раѓа. Родени како ментални слуги нема никогаш да го разберат тоа. Затоа и не можат со гордост да го носат патриотизмот. Но, предавството можат.
Зголемената поларизација и цинизам во македонскиот политички спектрум придонесе за опаѓање на нивоата на патриотизам. Денес, Mакедонците политички се распаѓаат по идентитетски линии, или во рамките на ехо-коморите на социјалните медиуми. Длабоко вкоренетите историски поделби во македонското ткиво поттикнуваат чувство на безнадежност и во политичкиот систем и во иднината на земјата. Како резултат на тоа, многу Mакедонци се борат да се чувствуваат патриотски среде цинизмот на политичките трговци со идентитетот и државата, особено затоа што многу луѓе ги поврзуваат чувствата на патриотизам со слепило кон недостатоците на земјата. Напротив, патриотизмот не е слепа послушност кон власта, туку почитување на заедничките вредности на нашиот Устав. Затоа новата власт се обидува да ја воскресне идејата за патриотизмот како позитивна сила која е поврзана со чувството на заеднички идентитет, култура, заедничка меморија. Тоа е вид на патриотизам за оние кои се доволно привилегирани да имаат земја што можат да ја наречат дом, што не е пропаганда или предворје на фашизам, туку вистинска приврзаност со гордоста да се биде Mакедонец. Сигурно не е за оние кои Македонија не ја чувствуваат за своја.
Секако дека патриотизмот подразбира гордост. Чувствотo на национална гордост e чувство на приврзаност или идентификација кон својата земја. Да ги потсетам оние на кои патриотизмот не им прилега: патриотизмот и љубовта кон татковината се благородни работи. Тие инспирираат граѓанска доблест, она што го бара нашата држава за да опстане. Новиот дух на гордост на нацијата, промовиран од власта низ кампањата за изборите, треба да го редефинира патриотизмот како сила што гледа напред која ги прифаќа промените и иновациите, додека одржува силна врска со основните принципи на градење држава. Овој концепт ја поддржува идејата дека патриотизмот не само што треба да го почитува минатото, туку и активно да гради подобра иднина. Редефинирањето на патриотизмот денес треба да вклучи цврста заложба за заштита на демократските институции на кои се потпира македонската држава и треба да биде вистинската одбрана на нејзината демократија. Но, љубовта кон татковината не значи прифаќање на Македонија во номинална вредност; тоа значи секогаш да се работи на тоа земјата да одговара на нејзините идеали за слобода, правда и еднаквост.
Понекогаш тоа значи да станете и да кажете дека работите се погрешни или нарушени, што може да биде непопуларно. Наивно е да барам од рециклираните комунисти да го сфатат ова. Да сфатат што значи да бидеш горд што си дел од одредена нација или култура и сакаш да се придонесеш за нејзиниот развој и благосостојба. Да ја сакаш Македонија, да бидеш патриот. Затоа и не барам од југоносталгичарите со Тито во срцето да бидат македонски патриоти. Никогаш не биле и нема да бидат. Но, нема да дозволиме патриотското чувство кое помага да се обединат Mакедонците да го изложат на ризик и да стане жртва на нивното разбирање на гордоста и љубовта кон Македонија. Или да се потсмеваат со него. Кога патриотизмот не им личи барем да не дозволат предавството да ги дефинира.
Автор: професор Звонимир Јанкуловски за НетПрес