Кога сме обединети, Европа е сила без која не се може

Кога е обединета, Европа е сила без која не се може, изјави претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер за време на своето годишно обраќање пред Европскиот Парламент. Јункер во своето последно обраќање од оваа функција рече дека Европската унија мора да го дефинира на неотповиклив начин односот кон зачленувањето на земјите од Западниот Валкан.

Ние треба да најдеме единствено решение кога станува збор за земјите од Западен Балкан еднаш и засекогаш. Ако не го направиме тоа, нашето непосредно опкружување ќе го обликуваат други. Западен Балкан не смееме да го изгубиме од вид, тој регион не може да се игнорира, бидејќи другите уште повеќе ќе го зголемат своето влијание таму, додаде Јункер.

Тој неколку пати го нагласи значењето на обединување на ЕУ и повика да постигне поголемо единство во сите области на домашната и надворешната политика.

Само силна и моќна ЕУ е способна да ги одбрани своите граѓани од климатските промени, тероризмот, да има влијание врз светската трговска сцена и во областа на дигитализацијата, рече Јункер.

Тој оцени дека ЕУ сега е гарант за мирот и повика на борба против национализмот, кој, според него, не бара решение туку виновници.

Зборувајќи за состојбата на ЕУ во 2018 година Јункер потсети дека Европа во голема мера ја надмина економската и финансиската криза.

ЕУ е глобална економска сила, проценува Јункер.

Тој повика на зајакнување на Економската и монетарна унија, така да и заедничката валута, еврото биде уште посилна.
Јункер рече дека се залага за балансирана реформа на миграционата политика и компромис во рамките на ЕУ по ова прашање. Според него, неопходно е враќање на оние кои во ЕУ влегле нелегално, но и отворање на нови легални миграциски патеки.

Сегашните решенија во оваа област не се доволни. Потребна ни е потрајна и организирана солидарност. Ќе се залагам за јакнење на надворешните граници на ЕУ, но и укинување на евентуалните внатрешни граници. Ако тие останат, тоа е чекор назад за Европа, проценува Јункер.

Говорејќи за Брегзит Јункер повтори дека ја почитува одлуката на Велика Британија да ја напушти ЕУ, но и дека длабоко жали за тоа. Тој порача дека никој кој ќе ја напушти ЕУ не може да остане дел од единствениот пазар. Посебно ја нагласи важноста од решавање на прашањето на границата со Ирска, но и идните односи.

По 29 март 2019 година, Велика Британија нема да биде која било трета земја, туку близок пријател и партнер на ЕУ. Јас ја сакам Европа и секогаш ќе ја сакам, заклучи.