Лидерите на коалицијата Европски фронт, предводена од ДУИ, сѐ уште не одржале состанок на кој ќе заземат став. Позицијата на опозициската коалиција ВРЕДИ, пак, е дека гласачите треба сами да одлучат кого од двајцата кандидати ќе поддржат
Кон кого од двајцата претседателски кандидати, Стево Пендаровски или Гордана Силјановска Давкова, ќе се слеат гласовите од партиите на Албанците во вториот круг од изборите за претседател на државата е едно од прашањата на кои синоќа во емисијата Топ тема на ТВ Телма одговараа Башким Бакиу, шеф на изборниот штаб на Арбен Таравари, и Крешник Бектеши, министер за економија и член на Централното претседателство на ДУИ.
Коалицијата ВРЕДИ на опозициските партии на Албанците, според она што како одговор го даде Бакиу, нема во план да го повикува својот електорат да гласа за кого било од претседателските кандидати кои влегоа во вториот круг. Тој вели дека ќе ги повикаат поддржувачите да ја поддржат коалицијата ВРЕДИ на парламентарните избори, но оценката за кого да се даде гласот на претседателските ја оставаат на нивната волја.
– Нормално е да постои и да има комуникација со сите политички субјекти кои што функционираат во државата и кои што се конкурентни. Јас кажав, во моментов ние сме фокусирани кон резултатите на 8 мај, ние сме во моментов политичка партија која има доминатно албански гасови. Ќе го видиме резултатот, односно земјотресот на 8 мај и врз основа на тоа ќе преговараме со било кој што ќе биде мандатар. И врз основа на тоа ние имаме свои граници, односно црвени линии кои што се однесуваат за учество во било која влада. Едната е да се укине формулацијата 20 посто за јазикот и уставните промени кои што во моментов се кочница за интеграција на земјата во ЕУ. Ние бараме глас за нас на 8 мај бидејќи се парламентарни избори, но нивна одлука и на нивната волја е што треба да направат на претседателските избори. Гласачите кои нè поддржаа не ги чуваме в џеб. Мислам дека Албанците се мудар народ и ќе направат разлика и ќе оценат на 8 мај. На денот на гласање сами ќе проценат (кој претседателски кандидат да го поддржат н.з.) врз основа на историја, програми и приоритети во случајот Европската Унија, елимирање на корупцијата и функционирање на правната држава – порача шефот на изборниот штаб на Таравари, Башким Бакиу во вчерашната Топ Тема.
Коалицијата Европски фронт предводена од ДУИ, пак, според Бектеши, допрва ќе носи одлука како да се постави во вториот круг од изборите за шеф на државата. Бектеши рече дека лично тој сака да ги слушне ставовите на Пендаровски и на Силјановска-Давкова во однос на барањето на партиите на Албанците за избор на претседател на државата во Собранието пред да одлучи кого да поддржи.
Ова, како што рече тој, е негов личен став, со оглед на тоа што лидерите на партиите во рамки на „Европскиот фронт“ сè уште не разговарале на оваа тема.
– Во однос на вториот круг од претседателските избори, сè уште не е одржан состанок со претседателите на партитие од Европскиот фронт. Ќе се разгледааат сите можни опции. Мојот личен став како член на Претседателството на ДУИ е дека нашата држава нема потреба од дополнителни кризи и треба да се најдат решенија, да се разговара за платформите со кои кандидатите биле на претседателските избори. Мислам дека треба да се бара од двајцата кандидати да го кажат нивниот конечен став во однос на барањето да се бира претседател во Собрание и со Бадентер, кое беше наше барање и барање на Таравари – вели Бектеши.
Откако ќе ги изнесат своите ставови во однос на ова прашање, како што рече Бектеши, лидерите на партиите од Европскиот фронт, во координација со меѓународниот фактор ќе седнат и ќе ги разгледаат сите опции.
– Мора да размислиме чисто и јасно во која насока сакаме да се движиме и не сакаме да создаваме кризи и да бидеме дел од одреди кризи кои може да ги користат структури кои веќе почнуваат да инвестираат и по телевизии и политички партии, туку да одиме напред и да бидеме држава која ќе се насочи кон развој – додаде Бектеши.