![Screenshot_2](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2021/03/Screenshot_2-13.jpg?resize=664%2C407&ssl=1)
МВР цел ден молчи за петте патнички возила што поминале ноќеска на граничниот премин Деве Баир, во време на полициски час, кога преминот на граница е забранет за возила, вели Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
„Според службената белешка што ја објавија медиумите јасно се гледа дека во еден часот по полноќ поминале пет патнички возила и тоа по насока лично на Зоран Заев. Тука има неколку дилеми и одговори кои треба да ги даде Зоран Заев и Владата. Со кое право и ингиренции Заев лично се јавува да се пропуштат патнички возила на граница во време на полициски час? Кај кого интервенирал Заев и кој е тој службеник што ги прескокнал работните протоколи и го послушал премиерот кој не смее да издава вакви наредба, како што и не смее вработениот на граница да прима вакви наредби од премиер“, посочува Арсовски.
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ прашува: „Што превезувале тие пет патнички возила и кои се луѓето за кои Зоран Заев лично ургирал да бидат пропуштени ноќеска? Дали ова е уште еден потенцијален шверц, кој се обидува да го одмолчи и сокрие МВР?
„Заташкувањето на ваков случај е само потврда дека власта се обидува да сокрие нешто, а лично за тоа е одговорен Зоран Заев. Кршењето на законите не е ништо ново ниту за Заев, ниту пак за власта“, вели тој.