Кои се настаните што ја одбележаа годината што полека изминува?

До крајот на годината ни преостануваат уште седум дена, па природно е да направиме еден краток осврт кон нештата кои што ја одбележаа оваа 2013-та година, кои што го свртеа вниманието на јавноста и ќе се паметат уште долго.

Политичарите постигнаа договор за настаните од 24-ти декември, Тарчуловски се врати во Македонија, земјава го доби старо новиот театар… Ова се само дел од настаните кои што оставија печат оваа година.

Локални избори во Македонија

Македонските граѓани на 24-ти март излегоа ла локалните избори каде што гласаа за кандидати за советници и градоначалници во општините. Во трката за градоначалничките места се бореше 81 кандидат, а коалицијата на владејачката партија освои најголем број градоначалнички места и тоа вкупно 57. Изборите поминаа во мирна, фер и демократска атмосфера без поголеми и значајни инциденти, што наиде на поздрав од страна на домашната, но и меѓународната јавност.

Конечно постигнат договор за настаните од 24-ти декември

По долги натегања и неуспешни разговори, на крајот на август беше ставен потпис на конечниот извештај на ад хок комисијата, кој што имаше за цел да ги реши настаните и случувањата во Собранието на 24-ти декември минатата година. Во комисијата членуваа Илија Димовски и Благородна Дулиќ од владејачката ВМРО- ДПМНЕ, Љубомир Фрчковски и Рената Треневска- Десковска од СДСМ на чие чело беше претседателот Борче Давитковски. Ваквиот потег беше поздравен од меѓународната заедница, квалификувајќи го како резултат на политичка волја за постигнување договор преку дијалог и компромис.

Македонија го доби најмладиот министер

Со заминувањето на Панче Кралев од челото на Министерството за образование и наука и неговото заменување од дотогашниот министер за труд и социјална политика, Спиро Ристовски, Македонија во ресорот труд и социјала го доби најмаладиот министер. Диме Спасов, кој во оваа министерска фотелја седна по директорувањето во скопскиот Катастар, има само 28 години со што еден од најмладите министри не само во овој владин ешалон, туку воопшто од независноста на Македонија.

Починаа новинарот Младенов, пејачот Дуле, актерот Бранко Ѓорчев, музичарот Конга

Во текот на 2013-та година, Македонија се прости со неколку познати и признати македонски ликови како што се големиот актер Бранко Ѓорчев, новинарот Никола Младенов, пејачот Душан Љубисвавлевиќ познат како Дуле од дуото Дуле и Коки, ,а вчера го загубивме и музичарот Ацо Конга.

По долга и тешка битка со болеста на 23-ти февруари почина актерот Бранко Ѓорчев, а ваквата борба ја загубија и Дуле и тоа на трети октомври, а пред еден ден и музичарот Ацо Богдановски Конга. Во тешка сообраќајна несреќа, на 27-ми март, загина новинарот Никола Младенов. Нивната смрт во голема мера ќе значи празнина за македонскиот општествен, културен и социјален живот, па затоа секое сеќавање за нив е знак на голема почит.

Јохан Тарчуловски се врати во Македонија

Јохан Тарчуловски на 11-ти април се врати во Македонија по осум години поминати во затвор, по пресудата на Трибуналот за воени злосторства. Тарчуловски, кој што беше осуден на 12 години затвор за настаните во скопското село Љуботен, се врати во земјава пречекан од голем број негови поддржувачи, а потоа имаше средба со претставниците на македонскиот државен врв. Тој шест години од затворската казна ги помина во затворот во Шевенинген, а две години ги помина во Диц.

Македонија ја намали невработеноста, и’ пркосеше на кризата со раст

По настаните што оставија печат во годината што изминува, а се од економски план, мора да се издвои намалувањето на невработеноста, како и растот на бруто домашниот производ. Македонија, како мала и отворена економија, воопшто не беше имуна на ударите од кризата. Но, благодарение на економските политики, кои се покажаа соодветни, резултираа со намалување на невработеноста под психолошката граница од 30 отсто. Последните статистички податоци за ова тримесечје покажуваат дека сега невработеноста е на ниво од 28,7 отсто, што е намалување од 0,1 процентни поени од претходното тримесечје. И бруто домашниот производ како показател за економската активност во земјава забележа пораст од 3,3 отсто во третиот квартал. Гражеништвото, како што беше нотирано од Државниот завод за статистика, беше главната моторна сила која што движеше растот, бележејќи скок од 30,5 отсто.

Почнаа со работа „Кромберг и Шуберт“, „Дрекселмаер“, „Вптекс“…

Дека странските инвеститори се уверени во можностите за вложување во земјава и ги уживаат бенефициите од Владата, покажува и отворањето на новите фабрики во индустриските зони. Во „Жабени“ на 18-ти октомври и официјално започна со работа германскиот гигант „Кромберг и Шуберт“. Оваа инвестиција вредна 20 милиони ќе овозможи 2.500 нови работни места. Станува збор за компанија со долга и успешна традиција за производство на високо технолошки производи, кабли, кабловски инсталации, пластична технологија и мехатроника.

И втората фабрика на „Џонсон Мети“ го стартуваше своето производство оваа година сместено во „Бунарџик“. Новата фабрика исто така ќе произведува автомобилски катализатори, а менаџментот се надева дека вкупниот број на вработени во двата производни погона ќе достигне и 600 лица. Британската „Џонсон Мети“ досега во Македонија вложила околу 120 милиони евра што е потврда за условите за инвестирање, а отворањето на втората фабрика е само уште еден доказ и поттик за инвеститорите од целиот свет.

Уште една, овој пат холандска, инвестиција го започна своето производство стационирано во модерна фабрика во општина Илинден. Холандската Van Puijenbroek Textiel се заминава со производство на работна и заштитна облека, вработува 50-тина лица, а инвестицијата е процената на ниво од два милиони евра.

Отворен старо-новиот театар

Македонија конечно доби храм на уметноста каков што заслужува. Старо- новиот театар блесна во полн сјај, а сите вљубеници во уметноста ќе можат да уживаат во неговиот ентериер и атмосфера. Со премиера на претставата „Вечна куќа“ по текст на Јордан Плевнеш и режија на Дејан Пројковски, Македонскиот народен театар своите претстави почна да ги изведува во новиот објект изграден на местото на некогашниот Стар театар.На праизведабата на Плевнешовата „Вечна куќа“ присуствуваа државниот врв предводен од претседателот на државата Ѓорге Иванов, претседателот на Собранието Трајко Вељаноски и премиерот Никола Груевски, министри во Владата, пратеници, академици, истакнати културни работници, претставници на бизнис заедницата, дипломатскиот кор и други гости од јавниот и културниот живот на Македонија.

Велат дека навраќањето на она што поминало не’ прави помудри и поискусни, па затоа сето она што се случуваше оваа година нека биде поука за тоа во иднина да бидеме подобри, поуспешни и посигурни. Желбите за побериќетна, поуспешна и подобра година нека станат реалност во новата 2014-та година, а сите предизвици нека станат можности за подобро утре.