Конститутивната седница во македонското Собрание, на која се дебатира за избор на претседател, заменик претседател, членови и нивни заменици во Комисијата за прашања за изборите и именувања е во тек.
Согласно деловникот за работа на Собранието, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ го користат своето право и дебатираат.
Со тоа максимално, но законски е успорен изборот за претседател на Собранието, кој е предлог на СДСМ и на ДУИ. Овие две партии, заедно со Алијанса за Албанците се договориле да гласаат за Талат Џафери од ДУИ, за позицијата прв човек на македонскиот парламент.
Партијата Беса, пред два дена, соопшти дека не се согласува со тоа Талат Џафери да биде претседател на Собранието и најави дека нивните пет пратеника нема да гласаат за него.
За време на дебатите во македонскиот парламент, во изминативе три дена, очигледна е нервозата во настапите на пратениците на СДСМ, но и на ДУИ и на Алијанса за Албанците, поради одогловлекувањето на седницата. Тие постојано повторуваат дека треба што поскоро да заврши конститутивната седница и веднаш да се избере претседател на Собрание.
Очигледно многу им се брза. Но, дали и кој тоа ги притиска и постојано им „дише во врат“?
Во изминативе неколку дена на социјалната мрежа Фејсбук, се појавија фотографии и видео снимки од тајни средби на претставници на СДСМ и на ДУИ со луѓе од американската амбасада во Скопје.
Поранешниот претседател на скопската организација на СДСМ, Љупчо Палевски, на својот профил на Фејсбук објави фотографии и видеа од одделни средби на луѓе од раководството на СДСМ и на ДУИ со човек од амбасадата на САД во Македонија.
Според фотографиите кои ги објави Палевски, средбите на луѓето од американската амбасада во Скопје со членови на СДСМ и со членови на ДУИ се одвивале навечер во угостителски објекти во Скопје.
Засега нема никаква официјална информација ниту од СДСМ, ниту од ДУИ, за средбите кои претставници на нивните раководства ги имале со луѓе од амбасадата на САД во Македонија.
Оттука се отвора прашањето, дали на овие средби биле давани инструкции за понатамошен настап на пратениците на на овие две политички партии во Собранието, или пак врз нив е вршен притисок за забрзување на работата?