Која е вистинската причина и која е точната приказна за кражбата на мајмунчето Лука од Скопската зоолошка градина?
Ќерката плачела, подарок за да се расположи глувонемото синче или како што многумина коментираат- обид за добра заработка?
Дневник објави дека кавадарчанката изјавила оти го украла мајмунчето Лука од Зоолошката градина во Скопје со единствена цел – да го израдува глувонемото синче за роденден кој пак, поминал пред шест месеци.
Роденденот му е во април и тогаш не му купив ништо, па сега сакав да надоместам за тоа. Претходно десетпати го гледавме мајмунчето во Зоолошката и детето многу го бендиса. Многу му се радуваше и посака да го има. Ова е само едно од малкуте нешта што можев да ги направам за него за да ја видам насмевката на неговото лице – рекла наводно кавадарчанката што завчера го украде мајмунчето павијан од Зоолошката градина во Скопје.
Таа, според последните информации, со својот свршеник и со своето малолетно дете завчера во 17.30 ја посетиле Зоолошката градина во Скопје.
Заедно со свршеникот и со седумгодишниот син со такси заминавме за Скопје. Таксистот нѐ чекаше во колата, а ние влеговме во Зоолошката. Прошетавме малку и веднаш отидовме кај кафезот на омиленото мајмунче на мојот син. Со алатот што го зедовме почнав да поткопувам под мрежата на кафезот. Направив мал отвор само колку да излезе мајмунчето. Го залажав со банана и тоа почна да излегува. Мојот свршеник ја соблече маицата и го завиткав во неа, па го носев мајмунчето со мене. Ја прескокнавме задната капија, каде што фрлаат отпад и се качивме во таксито – објаснила соговорничката.
Според неа, мајмунчето било мирно во нејзините раце, јадело и спиело и не правело проблеми. Иако патниците во таксито ги отворале прозорците, мајмунчето не излегувало. Тоа не побегнало ниту кога застанале.
Во меѓувреме, за кражбата веќе била алармирана полицијата, која почнала да трага по возилото, со кое заминале крадците, па таксистот ги оставил на автобуската во Велес. Тие оттаму со друго такси-возило заминале во Kавадарци.
Мајмунчето го крстивме Џеки, а подоцна во полицијата дознавме дека се викало Лука. Го однесовме дома и околу 3 часа му се радувавме. Синчето постојано се гушкаше со него. Мајмунчето најмногу го сакаше детето, мене ме изгреба, а од него не се делеше и веднаш се приврза кон него. Синчето не може најубаво да ги слушне криците на мајмунчето, ниту може да зборува за да каже колку многу му се радуваше, но неговата насмевка кажуваше сѐ. Потоа дојде полицијата и така заврши нашата необична авантура – раскажала мајката.