Којзеклиска: Над 300.000 пензионери ќе ја почувствуваат неодговорноста на неспособната Влада

Владата предводена од СДСМ го укинува најавеното и планирано зголемувње на пензиите од што повеќе од 300.000 пензионери на сопствена кожа ќе ја почувствуваат неодговорната политика на неспособната Влада на Заев, истакна во средатата на прес-конференција Марија Којзеклиска од ВМРО-ДПМНЕ.

Според Којзеклиска пензионерите оваа година нема да го добијат планираното зголемување од 5% на пензиите.

„Септемвриската пензија ќе биде зголемена за само 180 денари, а не според планираната динамика на владата на ВМРО-ДПМНЕ“, посочи Којзеклиска.

Потсети дека владата на ВМРО-ДПМНЕ во декември ги покачи сите пензии за 620 денари.

„СДС ветуваше грижа за пензионерите. СДС и Заев ги излажа и нив. Пред избори едно ветуваа, а сега друго прават. Владата на СДС го напушта концептот на линеарно зголемување на пензиите односно еднаков износ за сите пензионери. Со нивниот концепт побогатите пензионери ќе добијат повеќе, а посиромашните ќе добијат помалку. СДС планира наместо законските 5 отсто на пензионерите да им додели само синболични 1%, односно најниските ќе бидат зголемени за 180 денари, а за 500 денари ќе бидат зголемени само највисоките пензии. Не е прв пат пензионерите да бидат доведени во заблуда од страна на владите на СДС. Во претходните владеења на СДС, тие не одвоија ниту еден денар повеќе за нив, туку дополнитетлно ги оштетија пензионерите со намалени пензии за 8 % кои никогаш не им беа вратени’, истакна Којзеклиска.

Според неа, пензионерите паметат и дека во време на СДСМ имало нередовна исплата на пензиите.

„Пензионерите беа поделени на три групи за исплата, едните ги добиваа своите примања на почетокот, вторите на средината и на третата група ги добиваа на крај на месец, а исплатата за нив често се префрлаше и во наредниот месец. Кога ВМРО-ДПМНЕ воспостави пракса за редовна исплата на пензиите најдоцна до 7 во месецот истата пракса ја спроведуваше се до декември 2016. Владата на ВМРО-ДПМНЕ го смени ваквиот игнорантски однос на државата кон пензионерите и воспостави пракса на почитување и грижа за истите. ВМРО-ДПМНЕ овозможи континуиран раст на пензиите. Во 2006 година просечната пензија изнесуваше 7.684 денари, додека на крајот од 2016 година истата таа изнесува 13.754 денари, што е зголемување за 79 отсто“, посочи Којзеклиска.

Потсети дека ВМРО-ДПМНЕ ја зголеми најниската пензија и истата од 4.330 денари во 2006 година, ја доведе до 8.895 денари во декември 2016 година, што е зголемување за 105 отсто.

„ВМРО-ДПМНЕ почнувајќи од 2010 до 2016 година им даде можност на пезнионерите да користат банско климатска рекреација. Таа опфаќаше 6 пансиони, со вклучен медицински преглед и платени патни трошоци. Со овој проект се овозможи на годишно ниво околу 5.500 пензионери да ги користат погодностите што ги нудеше оваа мерка. ВМРО-ДПМНЕ од 2015 година на пензионерите им да овозможи да користат и бесплатен викенд и истата мерка веќе ја искористиле околу 5.500 пензионери. Што значи дека над 30.000 пензионери ги имаат искористено и двете мерки“, потенцираше Којзеклиска.

Додаде дека ВМРО-ДПМНЕ изразува загриженост за ваквата лицемерна политика на владата на СДСМ кон пензионерите. Категоријата пензионери и нивниот голем број, вели Којзеклиска, не смеат да бидат заложници на катастрофално лошата финансиската политика која ја води СДСМ.