Претставниците на градежниот сектор во Германија очекуваат значителни проблеми во наредниот период, па се двоумат околу ветувањето на новата влада, за 400.000 нови станови годишно и за намалување на притисокот врз пазарот на недвижности, објавија германските медиуми, објави Индекс.хр.
„Следната година мораме да сметаме на значителни тешкотии во градежниот сектор како резултат на застојот на пандемијата, недостигот на материјали и новите случувања предизвикани од војната во Украина“, рече Ханс Маер, директор на Баварската асоцијација за домување.
Според истражувањето на Германското здружение за покриви, 90 отсто од градежните изведувачи се жалат на наглото зголемување на цените на материјалите, а 80 отсто на недостиг на градежни материјали.
Многу претприемачи не се осмелуваат да склучуваат нови зделки поради непредвидливото зголемување на цените. Со оглед на тоа што цените на објектите се договараат пред почетокот на работата, многумина, според анкетата, стравуваат од сериозни финансиски проблеми во случај на поскапување на материјалите.
Претставниците на градежната индустрија сметаат дека ветувањето на новата социјалдемократско-зелено-либерална влада за изградба на 400.000 нови станови годишно е „под голем знак прашалник“.
„На новиот пазар на станови се разви вистинска бура, а најголем фактор е недостигот градежни материјали“, рече Аксел Гедешко, директор на Германското здружение за домување (GdW).
Според претставниците на градежната индустрија, една од причините зошто изградбата на нови станови по пристапни цени не е изводливо, се и донесените нови построги климатски услови за нова градба.
„Ова ја прави изградбата значително поскапа, а за таа да се исплати, претприемачите мора подоцна да бараат од своите станари зголемени кирии, што не е целта на владата“, рече Јан-Марко Лучак, портпарол на опозицискиот клуб за домување ЦДУ/ЦСУ.
Проблемот со недостиг на материјали ги зафаќа не само високата туку и нискоградбата, бидејќи покрај челични елементи за арматура како и дрво и алуминиум недостига и смола за изградба на патишта.
Во моментов се работи на промена на уредбата, која ќе им овозможи на градежните компании последователно да ја зголемат конечната цена во случај на пораст на цената на материјалите. Но, ова би се однесувало само на договори каде што договорен орган е државата.
Проблемот со недостигот на квалификувана работна сила беше намален за време на пандемијата поради помалиот обем на работа, но може повторно да се влоши во иднина, покажуваат податоците на здружението на покривно градежништво.