Министрите од редовите на СДСМ или правеле криминал или лажеле и манипулирале со јавноста кога тврдеа дека во земјата владее наводен режим и недемократија со цел да се доберат до фотелјите, реле во саботата на прес-конференција Светлана Колариќ од ВМРО-ДПМНЕ.
„Бидејќи СДС беше партијата која тврдеше дека постои наводен режим и диктатура сиве овие изминати години, јавно ја прашуваме како е можно токму во тој период нејзините сегашни министри да спечалат по неколку стана, хациенди на море, деловни простории и дуќани и да имаат огромни депозити во банка. Или правеле криминал или лажеле и манипулирале дека постои наводен режим и недемократија со цел да се доберат до фотелји“, истакна Колариќ.
Како најочигледни примери таа ги спомена вицепремиерот на владата на СДСМ, Кочо Анѓушев, кој пријави дека изминатите години се стекнал со капитал од 28 милиони евра лично богатство.
„Како под наводна диктатура Анѓушев заработил 5 стана во Скопје, деловни простории и куќа во Скопје, стан во Белград, куќа на Халкидики? Кој е рецептот при што во наводна диктатура ќе се стекне вицепремиерот на владата на СДС со автомобилски брендови како Масерати, Порше, уметнички слики, златен накит и Ролекс часовници?“, запраша претставничката на ВМРО-ДПМНЕ.
Го постави прашањето и како лично премиерот Зоран Заев во истиот период додека претходната влада ја обвинуваше дека спроведувала „режим“ успеал да заработи богатство во изност меѓу 6 ио 7 милиони евра богатство.
„Како Заеви од просечно земјоделско семејство дојдоа до фирми кои за 10 години направиле обрт од 200 милиони евра?“, праша, исто така, Колариќ.
Како пример беше спомената и министерката без ресор во владата на СДСМ, Зорица Апостолова, којашто според тврдењето на Колариќ поседува имот од половина милион евра, три куќи и стан.
„Како семејството на Шекеринска стасало до 4 стана од кој е познато дека дел си ги рента самата себеси отворајќи притоа скандал со перење на пари?“, додаде говорничката.
Колариќ заклучи дека е очигледно дека „министрите милионери“ од СДСМ, „продаваа магла“ кога јавноста ја убедуваа дека постојат „режим и диктатура“ и оти нивната заложба биле единствено да дојдат до власта која носи привилегии, без чувство за итнересите на граѓаните.. Нивната борба беше за фотељи, власт и бенефиции, на сметка на обичниот и работен народ. Нивната борба е борба за зграбување на привилегии и лично богатство.