
Оставката на Петар Аневски Советот на јавните обвинители денеска ја прифати, а на истата седница едногласно го избра и Коле Штерјев како негов наследник. Штерјев бил предложен како единствен кандидат за претседател и добил поддршка од сите девет членови, вклучувајќи ја и јавната обвинителка Лилјана Спасовска која е член на Советот по функција.
Свесен е за нарушениот углед на Советот, најмногу изразен преку јавните несогласувања на неговиот претходник со Катица Јанева, но ветува дека ќе го промени ваквиот впечаток.
„Може да е претенциозно и преамбициозно да кажам дека ќе успеам во тоа дека ќе се обидам тоа е несомнено. Ќе се обидам да ги искористам и моите и капацитетите на советот и се надевам дека ќе успееме да ја смениме сликата на советот но тоа ќе го кажеме откако ќе го направиме. Впечатоците на јавност а дека советот бил во конфликт со СЈО не е само впечаток туку е реалност но за тоа да бидам отворен не можете да ги барате причините само во советот“, рече Коле Штерјев, претседател на Совет на јавните обвинители.
Штерјев вели дека Советот воопшто не бил надлежен да одлучува дали предметиет кои ги бара Специјалното јавно обвинителство ќе ѝ бидат предадени на Јанева. Досега, СЈО го доби само предметот „Сопот“, а ги бараше и „Маѓар телеком“ и два предмети поврзани со Зоран Верушевски.
„Тогаш на еден недопуштен начин Советот си зема за право да се впушти во нешто што се нарекува надлежност, тоа е институтот од ЗКП, тоа е процесен институт и тоа не е работа на Соевтот“, рече Штерјев.
Пред Советот ќе стигнат и биографиите на кандидатите за нов јавен обвинител, но за избор на други јавни обвинители за кои Штерјев вели дека нема да бидат бирани според политичката припадност туку според стручната способност.
„Едно од потешките прашања но и во досегашните извештаи на советот и во стратегијата се наведени тие слабости на советот но пак ќе ја употребам истата формулација советот ќе ги искористи сите капацитети да го промени тоа“, вели Штерјев.
Штерјев беше избран како член на Советот минатата година од редот на јавните обвинители. Доаѓа од Вишото јавно обвинителство Скопје. Советот и понатаму останува без двајца членови – Зоран Сулејманов и Сашо Василевски. Едниот замина во пензија, вториот во МЕПСО како директор. Нивните наследници треба да ги избере Собранието.