Здравјето и безбедноста на децата пред се!
Општина Велес и јас како градоначалник се оградуваме и најостро го осудуваме немилиот настан кој се случи во ОЈУДГ “Димче Мирчев” во Велес. Оваа јавна установа треба да биде пример за згрижување и воспитување на децата, со високи критериуми за вработување и однесување на персоналот кој е во директен контакт со децата.
Наместо тоа во изминатиот период сме сведоци на повеќе скандали и владеење на безредие во градинката, каде што наместо конкретни чекори за отстранување на проблемите највисокото раководство носи одлуки со кои само ќе го прикрие направеното.
Така и во овој случај, наместо целосно повлекување на воспитувачката од контакт со децата се до покренување на постапка и разрешување на случајот, таа е само преместена во друг клон на истата градинка, каде повторно има директно влијание врз згрижените деца.
ОЈУДГ „Димче Мирчев” е под ингеренции на Министерството за труд и социјална политика, откако министерката Јована Тренчевска ги одзема од мене како градоначалник и од Советот на Општина Велес под изговор дека го спречуваме нормалното функционирање на установата, но наместо подобрување на работењето сведоци сме токму на спротивното.
Ги повикувам надлежните органи да покренат соодветни постапки за преземање на одговорност како од воспитувачката, така и од највисокото раководство на установата со цел зачувување на здравјето и безбедноста на децата!, реагира преку социјалната мрежа на Фејсбук градоначалникот на општина Велес Марко Колев за скандалот со воспитувачката од детската установа во Велес.