Смртоносниот самоубиствен бомбашки напад кој припадници на ултрарадикалната сунитска групација Исламска држава го изведоа на аеродромот во Кабул ги поттикна стравувањетa дека Авганистан под повторната власт на талибаните може да стане плодна почва за џихадистичките мрежи и другите теротистички организации.
Двојниот самоубиствен напад, за кој одговорноста го презема локалниот огранок на Исламската држава (ISKP – Исламска држава на вилаетот (покраината) Хорасан), однесе стотици човечки животи, вклучително и на 13 американски војници. Беше изведен и покрај повеќекратните предупредување од САД и западните сојузници дека на секој напад жестоко ќе одговорат. Станува збор за најсмртоносниот напад врз американските трупи во Авганисан од 2011 година.
Пред дваесет години, нападите од 11-ти септември 2001 година врз САД беа директниот повод за инвазијата на меѓународната коалиција предводена од САД чија цел беше уривањето на талибанскиот режим воспоствен 1996 година под обвинувањето дека ѝ дава засолниште во Авганистан на џихадистичката мрежа Ал Каеда. Меѓутоа, многумина геополитички коментатори предупредуваат дека Авганистан сега може да стане плодна почва за групациите како што Ал Каеда, на којашто некои талибани наводно и денес ѝ се блиски или, пак, на Исламската држава.
Што е Исламската држава во Хорасан
Набрзо откако во 2014 година Исламската држава го прогласи „калифатот“ на териториите кои ги контролираше во Ирак и во Сирија, поранешните припадници на пакистанските талибани Техрик-е-Талибан Пакистан (TTP) му изрази лојалност на поранешниот водач на Исламската држава, Абу Бакр ал-Багдади. Потоа им се приклучија и Авганистанците разочарани од талибаните и на почетокот од 2015 година Исламската држава го објави формирањето на својот регионален огранок во Хорасан.
Хорасан, инаку, е називот за поранешен регион кој опфаќал делови од денешните држави Авганистан, Пакистан, Иран и од централна Азија. Така, Исламската држава во 2015-та создаде мрежа во планините во источната покраина Нангахар, којашто со соседната покраина Кунар е една во којашто успеа трајно да се инфилтрира. Секаде во другите области групата се судираше со талибаните, дури и кога успеа да воспостави свои притаени ќелии во другите делови на Авганистан, во прв ред во главниот град Кабул, како и во соседен Пакистан. Последните процени на нејзината сила се од најмалку 500 до неколку илјади борци, според извештајот на Советот за безбедност при ОН од јули годинава.
Исламската држава во Хорасан ја преземаше одговорноста за некои од најсмртоносните напади изведени последните години во Авганистан и Пакистан. Во прв ред самоубиствените напади во џамиите, универзитетите, болниците и на други јавни места.
Особено нејзина цел беа муслиманите кои ги смета за еретици, во прв ред шиитите од редовите на малцинските Хазари. Во август 2019-та ја презема одговорноста за нападот врз шиитите на венчавка во Кабул кога беше убиен 91 човек. Сомничена е и дека е одговорна за нападот во мај 2020-та врз породилиштето во мнозински шиитски населба во Кабул, кога беа убиени 25 луѓе, од кои 16 мајки и новороденчиња. Во покраините во кошто успеа да се инфилтрира и етаблира остави длабоки траги, нејзните припадници егзекутираа со огнено оружје, со обезглавувања, го мачат и тероризитат руралното население и поставуваат мини.
„Исламската држава во Хорасан продолжува да претставува закана и за земјата и за поширокиот регион“, се вели во споменатиот експерски извештај на ОН и се додава дека нејзината цел е остварувањето на проектот за создавање „голем калифат“.
Какви се односите меѓу Исламската држава и Талибан
Иако станува збор за две радикални сунитски групации, тие се разликуваат и по редица теолошки прашања и според стратегијата за постигнување на своите цели. Ривали се и кога станува збор за спроведувањето на светата војна џихадот, а фактот за големата нетрпеливоста се гледа и во тоа што Исламската држава во своите соопштенија талибаните редовно ги прогласува за еретици.
Сепак, Исламската држава во Хорасан, за разлика од Исламската држава на Левантот (во Сирија и Ирак), не успеа значително да ја прошири својата територија. Во 2019-та авганистанските владини сили објави дека по заедничките операции со САД, Исламската држава во покраината Нанграхар е поразена. Според процените на САД и ОН, Исламската држава во Хорасан од тогаш била активна само преку своите притаени ќелии.
Со договорот склучен во февруари 2020-та со САД за повлекување на странските сили од Авганистан, талибаните ветија дека нема да дозволат земјата да стане база за организирање напади врз американски и цели на нивните сојузници. Портпаролот на талибаните минатата седмица изјави дека ја елиминирале Исламската држава во Хорасан од сите 34 авганистански покраинаи, освен од областа на престолнината Кабул, каде што и натаму постојат некои нејзини елементи, коишто според него ги штити поранешната влада соборена на 15-ти август.
Исламската држава претходно жестоко го критикуваше споменатиот договор за повлекување на американските и странските трупи од Авганистан постигнат лани во катарска Доха меѓу тогашната администрација во Вашингтон и политичката канцеларија на талибаните, обвинувајќи ги дека се предадени целите на џихадот. Така, и откако талибаните се вратија на власт во Кабул, ним им честитаа повеќе џихадистички групации како победа над САД, но не и Исламската држава за која аналитичарите сметаат дека може да профитира меѓу крајно радикалните и екстремни елементи во Авганистан.
Меѓутоа, познато е и дека Ал Каеда, како и талибаните, Исламската држава ги доживува како своите крвни непријатели, обвинувајќи ги за национализам и отстапување од „вистинскиот ислам“.
„Покрај идеолошките разлику меѓу нив, и натаму се води борба за влијанието во рамките на џихадистичкото движење“, пишува во магазинот Foreign Affairs Даниел Бејмен, соработник на Институтот Брукингс во Вашингтон. Додава дека „талибаните веројатно ќе се обидат да ги привлечат командантите на Исламската држава на своја страна и да ги елиминираат оние кои нема да им се потчинат. Тоа ќе му нанесе уште еден удар врз имиџот на Исламската држава, која веќе го загуби влијанието откако во 2019-та ги загубу последните делови од својот самопрогласен калифат во Ирак и Сирија“.
Колкава е силата на Ал Каеда?
Евидентно е дека во текот на дводецениското прогонување на Ал Каеда низ целиот свет, оваа терористичка мрежа претрпе сериозни загуби. Организацијата ја загуби финансиската поддршка а многу од нејзините водачи се ликвдирани, американското разузнавње оценува дека дури и новиот лидер Ајман ал-Завахири е убиен во една од оперциите; Оттаму, би било погрешно да се смета дека смрттта на 2.500 американски војници во Авганистан и трошоците од над два трилиона долари биле попусти.
Сепак, има и оцени дека мисијата е нецелосно завршена, бидејќи САД во моментов воопшто немаат точни информации за моменталната моќ на Ал Каеда. Непознато е колку борци на мрежата останале во Авганистан и колку може да се вратат во земјата од соседен Пакистан и другите земји во кои се засолниле во текот на американските операции против неа. „Не можеме да ви ја кажеме точната бројка“, рече минатата седмица на брифингот за новинарите во Пентагон, портпаролот Џон Кирби.
Исто толку нејасни се информациите кои ги дадоа земјите членки на Обединетите нации за подготовка на извештајот на Групата за аналитичка поддршка и следење на санкциите при ОН. Во овој извештај објавен во јуни 2021-ва се забележува дека бројноста на Ал Каеда во Авганистан, вклучително и нејзиниот огранок Ал Каеда на потконинентот Хиндустан се движи „од неколку десетици до 500 лица“. Тие, според разузнавачките податоци, се лоцирани „во најмалку 15 провинции, главно на истокот, југот и југоистокот“ на земјата. Сега, се претпоставува, мрежата ќе се појави и во други региони на Авганистан, па дури можно е и во самиот Кабул.
Своевремено талибаните одбија да го предадат историскиот водач на Ал Каеда, Осама бин Ладен на САД и следните две децении, всушност, продолжија да ја поддржуваат мрежата иако не ја поддржуваа нејзината желба да изведува терористички напади во странство, вклучително и во САД и во Европа. Патем, документите запленети во скривалиштето на „меѓународнот терорист број еден“ при неговата ликвидација на 2-ри мај 2011-та во пакистански Аботабад и декласифицирани во 2015 година од страна на дирекорот на американското Национално разузнавање, сведочат дека Ал Каеда подготвувала, меѓу другото, и кревање во воздух гасовод во Русија и терористички напад врз амбасадата на САД во Москва, па аналитичарите го постауваат прашањето дали тие планови се измениле досега?!
Според процените на американското разузнавање, во периодот од 1996 до 2001-ва, меѓу 10.000 и 20.000 милитанти од многу земји биле обучувани во мрежата кампови за обука на Ал Каеда во Авганистан, од кои многумина се вратиле во своите татковини за да продолжат таму со терористичките активности. Се претпоставува дека мрежата ќе се обиде да обнови барем некои од овие кампови.
Во извештајот на експертите на ОН е истакнато и дека Ал Каеда одржува блиски контакти со талибаните поради близината на нивните идеолошки ставови, учество во заеднички борбени акции, како и семејните врски, што се потврдува и со фактот што голем број водачи на мрежата беа ликвидирани во американски операции на територијата контролирана од талибаните. Како најсвеж пример за близината меѓу двете групи се посочува намерата на талибаните да го вклучат во новата авганистанска власт лидерот на терористичката групација „Мрежата Хакани“, Сираџудин Хакани, кој активно оддржува врски со Ал Каеда.
Истовремено, според аналитичарите на ОН, борците на Ал Каеда талибаните ги испратиле во подалечните региони, „за да не можат да бидат откриени и елиминирани“. Последните години, исто така, Ал Каеда ја минимизирала тајната комуникација со челниците на талибаните, обидувајќи се да „не се најде на виделина“ за да не ги загрози дипломатските позиции на талибаните при склучувањето на договорот во Доха за повлекувањето на странските војници од Авганистан.
Што содржат доверливите извештаи?
Сепак, главното прашање во моментов за меѓународната заедница не се односите на талибаните со Ал Каеда или Исламската држава, туку дали територијата на Авганистан ќе биде користена како „отскочна штица“ за терористички напади врз други земји.
„Според договорот од февраури 2020 година меѓу САД и талибаните, според кој американските војници треба да го напуштат, талибаните се обврзаа да не ѝ дозволат на Ал Каеда е да ја користи авганистанската територија“, беше наведено во објавата Истражувачкиот комитет на американскиот Конгрес.
Истовремено, како што појаснуваат експертите на ОН во нивниот извештај, јавно достапниот текст од договорот од Доха не овозможува да се заклучи дека талибаните ќе го исполнат ветувањето „да ги оневозможат сите меѓународни закани коишто ќе произлезат до Ал Каеда во Авганистан“. Во договорот од Доха, имено, постојат уште доверливи анекси на спогодбата, чијашто содржина е непозната за јавноста.
Во секој случај, Пентагон во својот извештај до Конгресот од април 2021-ва предупредува дека талибаните „одржуваат заемно корисна врска со групации поврзани со Ал Каеда и веројатно нема да преземат позначителни дејствија против овие групи“. Претходно во март годинава, челникот на Централната команда на САД, генералот Кенет Меккензи, во разговорот со новинарите на летот до Авганистан изјави дека верува оти ќе биде многу тешко веројатно дека талибаните ќе преземат чекори против Ал Каеда, за да ја ограничат нејзината способност да изведува напади во странство“.
Од своја страна, пак, експертите на ОН сугерираат дека „краткорочната стратегија на Ал Каеда, според процените, ќе се состои во тоа за да ја сочува за своите лидери традиционалната можноста да идат безбедни на територијата на Авганистан“. На подолг рок, стратегијата на мрежата најверојатно ќе биде насочена „да добие во време, а потоа повторен развој на планови за напади врз меѓународни цели“.
Неопходен е глобален одговор
Талибаните, всушност, извојуваа своевидна победа на САД уште пред година и половина кога во катарската престолнина го потпишаа мировниот договор чијашто главна одредница беше повлекувањето на странските трупи од Авганистан, а судбината на земјата беше препуштена на меѓуавганистанските преговори меѓу движењето и владата во Кабул. По неколкуте неуспешни сесии на меѓуавганистанските преговори вклучително и со посредство на САД, Русија, Кина и Иран, секавичната офанзива и распадот на авганистанските безбедносни сили доведоа на 15-ти август талибаните со незначителни џебови на отпор да дојдат на власт. Хаотичното повлекување, кое американските противници го нарекуваат и „бегство“, на трупите од Кабул само ја зацврсти победата на талибаните којашто не е извојувана не само на борбеното поле, туку и на пропагандистичкиот фронт. Притоа, дури и Ал Каеда се обидува да закити со ловорките на победник.
„Губењето на Авганистан несомнено ќе ги компликува американските напори во борбата протв тероризмот и ќе го зголеми ризикот дека Ал Каеда повторно ќе ја користи оваа земја како отскочна штица за своите напади. Отсуството на војски на теренот и контактите со локалното население ќе го намали обемот на разузнавачките информации за терористите со кои ќе располагаат САД. Американските и авганистанските сили повеќе нема да можат да ја спречат Ал Каеда да ги воспоставува своите кампови за обука или командни позици“, смета Бајмен.
Меѓутоа, експертот смета дека во секој случај е малку веројатно вреќањето на ситуацијата од пред дваесет години.
„Опасноста од враќање на Ал Каеда е голема, но Авганистан веројатно нема да ја врати ролјата на прибежиште за терориститие која ја имаше до 11-ти сепрември 2001-та“, оценува Бајман за кого сегашните слабости на Ал Каеда, сопствените интереси на талибаните, антитерористичките активности на САД, како и „глобалните разузнавачки напори“ на сите земји насочени против Ал Каедам Исламската држава и другите џихадистички групи, дозволува да се имаат такви надежи.
Глобалните напори, или просто речено борбата против Исламската држава и Ал Каеда, ќе мора да продолжат. Во крајна линија, сегашната ситуација во Авганистан ѝ задава главоболка на целата светска заедница, и овој проблем ќе мора да се решева заедно, зашто заканата е кон сите подеднаква.