Приватна агенција за обезбедување од Струмица земала тендери во висина од над 21 милион евра за само две години, при што отворено се сомневаме дека профитот го дели со семејството Заеви и СДСМ, рече во неделата портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски и запраша колку болници можеле да се реконструираат и изградат со овие парите.
Арсовски потсети дека изминатите денови партијата објави дека има сериозни сомнежи дека семејството на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, дели профит со приватна агенција за обезбедување од Струмица, сметка на даночните обврзници. Додаде дека досега изостана секакква реакција и од партијата, и од споменатата агенција за обезбедување, како и од државните институции кои беа споменувани во документие презентирани во јавноста изминатата седмица.
„Како што беше кажано, 17 милиони евра тендери од универзалниот снабдувач за електрична енергија легнале на контото на струмичката агенција за обезбедување, а за сметка на тоа денес граѓаните имаат покачена електрична енергија. Едноставно, покачена е цената на електричната енергија за да може да профитира семејството Заеви. Уште 4 милиони евра оваа струмичка фирма земала од државата за услуги за обезбедување, некаде и во абнормални услови каде што самите институции имаат чуварски служби,а сепак агенцијата за обезбедување земала тендер за да ги обезбедува тие институции“, посочи Арсовски.
Притоа истакна дека јавноста очекува одговор од надлежните институции коишто ги поделиле овие тендери.
Оценувајќи дека станува збор за „алчност на Заеви за огромни профити“ врз грбот на граѓаните, Арсовски ги постави прашањето дали кај учесниците во овие зделки постои свесност и совесност дека со 21 милион евра може да се изграда или ркеонструираат болници, детски градинки и училишта.
„Свесни ли се дека со 21 милион евра ќе се купеле десетици и десетици болнички возила кои секојдневно недостасуваат, а СДСМ ги ветуваше пред да дојде на власт? Дали господата од семејството Заеви за чии привилегии граѓаните плаќаат повисока електрична енергија знаат дека со над 21 милион евра ќе можеле да пратат стотици граѓани на лечење во странство меѓу кои и деца?“, додаде Арсовски.
Рече дека со 21 милион евра може да се набројат уште стотини нешта со кои може да се подобри животот на граѓаните или, пак, да спаси нечиј живот.
„Но очигледно алчноста и криминогените дејанија преовладуваат во СДСМ и кај Зоран Заев и кај неговото семејство, коишто делат вакви профити, па поважен му е личниот џеб, отколку граѓаните“, заклучи портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.