Повисока концентрација на афлатоксини од доволеното е причина што деновиве во два наврати се повлекуваат од пазарот одредени млечни производи во земјава.
Последната информација е дека од пазарот се повлекува јогурт „Балaнс плус“, во пакување од еден литар, соопшти Агенцијата за храна и ветеринарство. Била испратена количина што не е наменета за македонскиот пазар, и е со неусогласена концентрација на афлатоксини, што според надлежните е потенцијален ризик по здравјето на луѓето.
Проф. д-р Никола Пановски, микробиолог и претседател на Мултисекторката комисија за контрола на антимикробна резистенција смирува дека нема опасност од поголемата концентрација на афлатоксинот во млекото.
Долго да се пие за да направи проблем
– Афлатоксинот го произведеува мувлата, која се вика аспрегилус флавус (Aspergillus flavus). Од тука доаѓа името афла. Таа се наоѓа во предели со влажни услови, а често знае да се најде во силосите каде што се чува житото. Потоа, ако го дадат тоа жито на кравите, најчесто пченка, се случува во млекото на кравите да се јави тој токсин во поголеми концентрации. Тој токсин секогаш го има во мали концентрации, но треба многу, многу да се конзумира, па за да се појави реакција кај човекот. Граѓаните нека не се плашат, да си речат: леле, испив една чаша, сега што ќе ми стане. Ништо нема да им стане. Треба години, години да го пијат, па да се покаже некаков симптом – објаснува доктор Пановски за „Нова Македонија“.
Пред помалку од две недели од малопродажба се повлекоа 20 тони УХТ трајно млеко МИЛКАНО – 3,2 отсто, увезено од Босна и Херцеговина, поради утврдено присуство на афлатоксин М1 над максимално дозволените количини од 0,05 микрограми на килограм, согласно македонските прописи.
Загадувањето на воздухот е илјадници пати поопасно
– Секоја земја има различни мерки, па и бројките на дозволени концентрацијата на афлатоксинот, во секоја земја е различна. Често знае да се увезе млеко кај нас од земја каде што концентрацијата на афлотоксинот е дозволено да е поголема, па потоа кај нас настанува проблем. Добар знак е што се повлекуваат ваквите млека од пазарот затоа што тоа укажува дека се внимава на храната. Загадувањето на воздухот е илјадници пати поопасно од оваа незначителна концентрација на токсинот – додава доктор Пановски.
Во Србија и во Македонија дозволената концентрација на афлатоксинот во млекото е 0,05 микрограми на еден килограм, во ЕУ е 0,025, а во Унгарија е 0.
Сточната храна може да се исчисти од афлатоксините ако во храната на стоката се додадат одредени минерали што им овозможуваат на животните да ги исфрлат отровите. На афлатоксините отпорни се сојата, гравот, овесот и јачменот.
За да го снема афлатоксинот од млекото на кравата, потребен е само седумдневен прекин на исхраната со контаминираната пченка. Овој токсин се појавува и во сите други млечни производи, а не само во млекото.