Колку пари ќе не чини двојазичноста не се знае, но казни ќе има

Иако се уште со отворени дилеми за уставноста на постапката сепак Законот за јазици стапи на сила. Но, Владата до овој момент нема  информација колку финансиски средства ќе повлече имплементацијата на законското решение.

Портпаролот на Владата, Мухамед Хоџа вели дека секоја институција допрва ќе прави анализа колку средства ќе им бидат потребни за да обезбеди соодветна примена на законските одредби.

„Во моментов Владата нема конкретна сума за тоа колкави ќе бидат финансиските импликации од спроведувањето на Законот за употреба на јазиците. Минатата година за оваа намена биле издвоени 100 милиони денари“, вели портпаролот на Владата, Мухамед Хоџа.

Но, портпаролот на Владата истакнува дека Законот е стапен на  сила и сите се должни да го почитуваат бидејќи во спротивно се предвидени казни.

„По објавувањето на Законот за употреба на јазиците во „Служен весник“ сите институции се обврзани да создадат услови за практицирање на Законот во секојдневието. Секоја институција притоа треба да направи анализа на своите капацитети и зависно од таа анализа да ги преземе и чекорите со кои ќе се подобрат капацитетите и човечките ресурси во однос на остварување на Законот за јазици. Со Законот се предвидува и формирање на Инспекторат што ќе го мониторира исполнувањето на Законот од страна на сите институции. Во моментов немаме точна сума за финансиските импликации, односно колку тоа може да ја чини Македонија, но, во минатогодишниот Буџет беа обезбедени сто милиони денари за спроведување на овој Закон во пракса“, вели Хоџа.

Законот за јазици наскоро треба да се најде и пред Венецијанската комисија која треба да даде мислење за уставноста на законското решение. Од Владата најавуваат дека сите препораки кои што ќе ги даде Комисијата ќе има бидат инкорпорирани во Законот иако истиот е веќе донесен и стапен на сила.

ВМРО ДПМНЕ повикуван на непочитување на Законот

ВМРО ДПМНЕ денеска уште еднаш повика да не се почитуваат одредбите од Законот за јазици.

„Овој закон е уште една хипотека преку која Заев се обидува да ја плати цената за неговото доаѓање на власт и затоа ваквото однесување на СДСМ и ДУИ е срамно и неприфатливо. ВМРО – ДПМНЕ ги повикува сите институции на централно и локално ниво да го игнорираат и бојкотираат операционализирањето на овој неуставен и штетен закон. Доколку одговорните во институциите се соочат со какви било проблеми или закани, ВМРО – ДПМНЕ и правната комисија им стојат на располагање за правна или било каква друга помош“, вели Никола Мицевски, координатор на пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ.

Мицевски повика и на предвремени избори заедно со претседателските во април годинава.

„Време е господа од СДСМ да се охрабрите и да излезете очи во очи со народот“, рече Мицевски.

Лидерот на партијата, Христијан Мицковски најави и дека Законот за јазици ќе го оспорат пред Уставниот суд.